Како дел од своите напори за борба против здравствените дезинформации, видео-платформата YouTube воведува нови промени со кои ќе ги засилува и приоритетизира содржините кои потекнуваат од кредибилни извори.
Во партнерство со американската непрофитна организација „Национална академија за медицина“, компанијата составила панел од експерти и создала рамка на принципи за борба против здравствените дезинформации и за дефинирање на категоријата „кредибилни извори“.
Засега, во таа категорија главно ќе влегуваат институции, односно медицински организации, владини агенции, болници и високообразовни и научни установи. За следната фаза се планира и вклучување на одредени индивидуални креатори на содржини кои ќе ги исполнуваат поставените стандарди.
YouTube јасно ќе ги означува здравствените содржини кои потекнуваат од кредибилни извори, а истите ќе се најдат и во посебна секција на платформата, со цел брз и лесен пристап до нив од страна на публиката.