Видео платформата YouTube минатата недела ги претстави своите нови функции со вештачка интелигенција, засновани на јазичниот модел DeepMind на Google, кои што ќе бидат достапни за креаторите на платформата за кратки видеа Shorts.
Новите функции, познати под името Veo, ќе им овозможат на креаторите на содржини да додаваат позадини генерирани со вештачка интелигенција на нивните видеа, како и да користат текстуални прашања и описи за да генерираат видеа во времетрање од шест секунди.
Според извршниот директор на YouTube, Нил Мохан, иновациите имаат за цел да овозможат побрза реализација на креативните идеи, како и да обезбедат поголема ефикасност за креаторите на содржини.
Позадините генерирани од вештачката интелигенција се надградба на слична функција за вештачка интелигенција објавена од YouTube во 2023 година наречена Dream Screen.
Компанијата додава дека функцијата за позадини со вештачка интелигенција ќе биде воведена подоцна оваа година, додека пак клиповите со вештачка интелигенција од шест секунди ќе станат достапни во 2025 година.