Платформата за видео-содржини YouTube соопшти дека кратките приказни “Stories” повеќе нема да бидат достапни како функција на платформата по 26 јуни 2023 година.
Имплементирани првично во 2017 години како Reels, кратките приказни на YouTube после една година беа преименувани во Stories. Нивната цел тогаш беше да одговорат на популарниот формат на привремени кратки содржини наметнат од социјалната платформа Инстаграм.
Меѓутоа, во меѓувреме се појави ТикТок кој со своите кратки видеа целосно го промени светот на социјалните медиуми, така што најголемите конкуренти се обидоа да ја постигнат нивната привлечност со имплементирањето на слични решенија.
Таков беше случајот и со YouTube кои тогаш ги претставија „YouTube Shorts“ како своја варијанта на форматот на кратки видео содржини кои можете бескрајно да ги скролате. Однесувањето на корисниците покажало дека тие повеќе ги преферираат Shorts наспроти Stories, па така компанијата сега одлучи дека ќе се посвети на развојот на првите и дека ќе ги укине овие вторите.
Од YouTube се целосно посветени на понатамошниот развој на Shorts, истакнувајќи дека тие носат повеќе сообраќај и нови претплатници за креаторите на содржини отколку Stories. Покрај нив, платформата ќе продолжи и со развојот на “Community posts”, кои им овозможуваат на креаторите да комуницираат директно и интерактивно со својата заедница на следбеници.