Видеото “Преглед на годината“ кое YouTube традиционално го објавува на крајот на секоја година, а кое претставува микс кој ги спојува најпопуларните вирални видеа во едно, оваа година нема да биде објавено
Од YouTube велат дека оваа година била различна во сè и дека сметаат дека не треба да продолжат да се однесуваат како да е сè во ред. Од тие причини, оваа година тие ќе ја прескокнат традицијата што ја започнаа од 2010 година и нема да го објават нивниот преглед на најдобрите и најважните моменти што ја одбележаа годината што изминува.
По повратните информации кои ги добија минатата година, а особено 2018 година, можеби така е подобро. Имено, на почетокот, ова компилациско видео беше само интересен преглед на некои настани и снимки направени од професионални јутјубери.
Меѓутоа, во 2018 година, компанијата одлучи да направи нешто повеќе, па вклучи содржина за која луѓето никогаш не чуле, а истовремено ги прескокна истакнатите креатори на содржини. Со тоа, очигледно направија исчекор во погрешна насока и ги налутија и јутуберите и гледачите. Ова резултираше со неславен рекорд – YouTube Rewind од 2018 година стана видео со најмногу дислајкови во историјата на овој видео сервис и прогласено за најнепопуларно видео на сите времиња. Денес, веќе бележи 18 милиони дислајкови.
Минатата година тие одлучија да ја поправат штетата што е можно повеќе, па затоа во „Rewind“ вклучија само извадоци од видеата кои беа нај „лајкувани“ во изминатата година, правејќи еден вид топ листа на најпопуларна, најинтересна, најквалитетна и највирална содржина. Ниту овој обид на YouTube не наиде на воодушевување, па затоа денес бележи повеќе од 9 милиони негативни оценки.
Годинава, YouTube не сака да ризикува, па во својата објава порачаа дека луѓето се автори на сè позитивно што се случи оваа година (и покрај тешките околности во светот) и дека компанијата нема да се меша во тоа – барем оваа година.