Платформата за видео содржини YouTube претстави две нови функции базирани на вештачка интелигенција, а дизајнирани да им олеснат на брендовите да се огласуваат пред припадниците на младата Генерација Z преку популарна музика.
Новите огласувачки функции се лансирани во обид да се позиционира YouTube како силна музичка платформа и “one-stop-shop” за брендови кои се обидуваат да ја искористат музиката како средство за поврзување со помладата публика.
Во соопштение објавено само неколку денови по завршувањето на овогодинешниот фестивал за музика и уметност Coachella, компанијата се опиша себеси како „врвната дестинација за содржини за време на фестивалската сезона, особено меѓу припадниците на Генерацијата Z кои доаѓаат на платформата за да споделуваат и да стапуваат во интеракција со видеа кои ги пренесуваат најдобрите моменти од фестивалските перформанси, но и инспирација за облека, видео блогови и многу повеќе“.
Првата од новите функции, наречена “Gen Z Music”, ќе користи вештачка интелигенција за да ги идентификува песните што се во тренд меѓу корисниците на Генерацијата Z на YouTube.
Втората функција е наменета да им помогне на брендовите да ги користат кратките видео содржини Shorts. Имено, YouTube сугерира дека нивната претстојна функција “Trending Music on Shorts”, со помош на вештачката интелигенција, стратешки ќе пласира реклами во популарните видеа на Shorts со музичка тематика.
Овие новитети доаѓаат во момент кога сѐ поголем број на големи технолошки компании инвестираат сѐ повеќе во вештачката интелигенција – технологија која во последните месеци силно го привлече вниманието на Силиконската долина, но и светот на маркетингот.