Откако го отстрани бројчаникот за „недопаѓања“ („дислајкови“), видео-платформата YouTube е во потрага по нов начин како да им овозможи на фановите да изразуваат поширок спектар на емоции во врска со видео-содржините кои ги гледаат.
Решението до кое дојде YouTube е да воведе емотикони кои визуелно и симболички пренесуваат различни чувства преку различни типови на смајлиња и икони – нешто слично како што е веќе достапно на социјалната мрежа Фејсбук.
YouTube веќе започна со тестирање на опцијата за емотикони со мала група на одбрани корисници на платформата. Доколку тестовите се покажат успешни – ќе следува и поширока имплементација на емотиконите. Овие тестови исто така ќе треба да определат кои специфични емотикони конечно ќе се најдат на листата на достапни реакции за пошироката публика.
Од она што засега е познато, емотиконите ќе може да се ставаат на која било секунда од траењето на едно видео. Притоа, кај делот за коментари ќе биде додадена посебна секција во која ќе може да се видат сите различни емотикони дадени во секоја секунда од видеото.
Меѓутоа, реакциите со емотикони ќе бидат анонимни, односно платформата нема да прикажува кои кориснички профили ги оставиле различните емотикони.