Од Google велат дека ограничувањата на овие видови реклами во голема мера ќе придонесат во донесувањето на подобро искуство за корисниците на најпопуларната платформа за споделување видеа.
YouTube забранува реклами поврзани со алкохол, коцкање, политика и лекови на рецепт од рекламниот простор на почетната страница. Сепак, иако тоа значи дека корисниците веќе нема да гледаат реклами за казина или политички кандидати на почетната страница, тие сепак ќе можат да се најдат на друго место, но овој пат компанијата ќе ги проценува повнимателно, пренесува Axios.
Почетната страница на YouTube е една од најпосетуваните страници во светот, што ја прави добро огласувачко место за бројни огласувачи. Според „The Verge“, заради новите забрани, платформата може да избегне можни полемики, како онаа што се појави кога поранешниот американски претседател Доналд Трамп го купи своето место на почетната страница три дена за време на изборите во 2020 година.
„На главниот рекламен простор на YouTube, можете да го претставите вашиот бренд, производ или услуга во видео огласи во нативен формат што се појавуваат на почетната страница на YouTube на сите уреди“, велат од компанијата, истакнувајќи дека овој вид реклами е идеален за корисниците кои „поттикнуваат огромен дострел или свест; планираат купувања однапред и го презентираат својот бренд или услуга на видно место на почетната страница на YouTube“.
Да потсетиме, Google кон крајот на минатата година им дозволи на корисниците да го ограничат бројот на реклами за алкохол и коцкање што ги гледаат на YouTube, а исто така ги паузира сите изборни реклами по затворањето на избирачките места во САД и после нападот на Капитол Хил во јануари.