Преостануваат уште нецели две недели до изборниот ден за таканаречените „средномандатни избори“ во Соединетите Американски Држави, кои треба да се одржат на 8 ноември – иако раното гласање по барање е веќе почнато. Граѓаните имаат можност да гласаат за сите 435 столчиња во Претставничкиот дом, за 35 од 100 столчиња во Сенатот и во 39 гувернерски трки на државно и територијално ниво.
Според податоците на истражувачката компанија за огласување, AdImpact, за овогодинешните избори партиите ќе потрошат скоро 10 милијарди долари во огласувачки цели. Со тоа, овогодишните средномандатни избори ќе бидат најскапите американски избори во историјата, надминувајќи ги огласувачките трошоци за минатите претседателски избори во 2020 (9 милијарди долари) и претходните средномандатни избори во 2018 (4 милијарди долари).
Како и што може да се очекува, најмногу пари се потрошени во неизвесните трки помеѓу Демократските и Републиканските кандидати во т.н. „swing states“, како Невада – каде се избира гувернер и претставници, и Пенсилванија – каде се избира сенатор и гувернер. Други држави каде има големо трошење се Масачусетс, Њу Хемпшир, Аризона, Орегон, Висконсин, Мичиген, Џорџија и Калифорнија.
Од досега потрошените пари за политичко огласување, 51% се вложени во телевизиски реклами, додека пак „десетици милиони долари“ се потрошени за дигитални реклами на интернет, пред сé на социјалната мрежа Фејсбук и на пребарувачот Google. Точните бројки сé уште не се слободно достапни за јавноста.
Десетте клучни зборови на кои се фокусираат кандидатите на Демократската партија во нивните телевизиски реклами се: абортус, здравствена грижа, криминал, здравствено осигурување, карактер, оданочување, посебни интереси, работни места, спроведување на законот и социјално осигурување.
Десетте клучни зборови на кои се фокусираат кандидатите на Републиканската партија во нивните телевизиски реклами се: оданочување, Џо Бајден, инфлација, криминал, Ненси Пелоси, имиграција, карактер, енергија, дефундирање на полицијата, реформа на кривичното право.
Извори на информациите: AdImpact, The Wall Street Journal, The Washington Post и NPR.