По повод Меѓународниот ден за борба против бирократијата, денеска за првпат јавно беше претставена методологијата за пресметка на Индексот на бирократија во Македонија. Пресмeтката на индексот на бирократија е дел од проектот „Кон намалување на бирократскиот товар“, чија главна цел e да се измери бирократскиот товар врз компаниите, и да се предложат мерки и реформи за намалување на истиот. Кратки, брзи, и праведни административни постапки и барања се основа на поволно деловно опкружувањето кое дава услови за основање и брз раст на претпријатијата. На настанот експерти, претставници на организацијата, бизнис секторот и Владата дадоа личен осврт на темата и корисни препораки за креаторите на политиките.
Пред присутните, Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025 го презентираше концептот и важноста на проектот „Кон намалување на бирократскиот товар“, вклучително и на Индексот на бирократија – „Претпријатијата се основна клетка на економијата, а државата и државната регулација треба да и дадат „кислород“ и потребни услови самостојно да се развива, наместо да ја гушат и ограничуваат. Тековниот проект е насочен кон идентификација и предлог за елиминирање на регулацијата и надворешните услови кои го ограничуваат и спречуваат развојот на клетката односно македонските претпријатија. Индексот утврди дека едно претпријатие во земјава троши 154 часа годишно, и поминува низ 45 процедури и чекори за да биде целосно услогласено со домашното законодавство. Притоа, претпријатијата во С. Македонија се соочуваат со најмалку бирократија меѓу земјите за кои се пресметува Индексот, што е во согласност и со наодите на Дуинг бизнис извештајот. Пример, претпријатие во Словачка троши 240 часа годишно, во Италија, 312 часа, а во Шпанија дури 370 часа. Благодарни сме што преку партнерството со Цивика мобилитас и ИНЕСС Словачка ќе придонесеме кон подобрување на бизнис климата со конкретен план за намалување на бирократскиот товар, во соработка со бизнис секторот и државните институции. Со овој проект, Македонија2025 ги продолжува и засилува своите активности и програми за унапредување на конкурентноста и растот на македонските компании.“ – нагласи М. Блажевски.
„Во повеќе наврати истакнувам дека Владата ќе биде посветена на создавање на Платформа за економски развој, која ќе овозможи побрз и одржлив раст и развој на економијата на Северна Македонија, на долг рок, што пак со сигурност ќе донесе нови работни места, подобри плати, нови патишта, железнички пруги, водоводи, пречистителни станици, училишта, градински, болници, кусо: подобар и поквалитетен живот. Со инклузивен процес, во кој ќе бидат вклучени сите чинители во економското живеење, стопанските комори, синдикатите, академската заедница, меѓународните партнери, граѓанските организации, преку процес на консултации и дискусии, ќе работиме на унапредување на законската регулатива, со која ќе се упростат и олеснат бирократските процедури. Веќе е поставен планот за мапирање на сите законски постапки низ кои граѓаните и стопанството ги остваруваат своите права и обврски кон државата, како и законските рокови за постапување од страна на државните органи или институции. Создавањето на овој единствен регистар ќе има повеќекратни придобивки: ќе укаже на предолги или непотребни бирократски чекори и рокови,ќе создаде услови за поголема транспарентност и отчетност на државните службеници кои се во служба на граѓаните, ќе се зголеми ефективноста и ефикасноста во постапувањето, голем дел од постапките ќе се дигитализираат, а можеби најважно, ова ќе биде моќна алатка за сузбивање на корупцијата“, – потенцираше Фатмир Битиќи, ЗПВРСМ задолжен за економски прашања, економски ресори и инвестиции.
За методологијата, структурата и областите на Индексот, подетално објасни Сашо Клековски, аналитичар и стручен соработник, кој ги презентираше резултатите и предизвиците при истражувањето, со првични препораки и насоки за намалување на бирократскиот товар. „Индексот на бирократија“ е пресметан врз база на однапред утврдена методологија, во соработка со експерти од различни области и анкети спроведени со претпријатија. Индексот е поделен во 4 категории: работни односи; оперативно работење; категорија друго (водење на архива, регистрација на пост-терминал итн.) и трошоци/обврски поврзани со промена на законска регулатива. Македонските претпријатија најмногу време, 64 часа годишно, трошат на усогласеност во делот на работни односи, што опфаќа обврски за пресметка на плата и администрацијата околу вработувањето. Навистина сме лидери во позитивна смисла меѓу земјите кои го пресметуваат Индексот. Но, има доста простор за натамошно подобрување, на пример, унапредување на системот на е-даноци, вклучително и на ИТ систем (решавање на преоптовареност), подобрување на квалитетот на податоци во ФПИОМ, управување со отпад, статистички извештаи итн. Компаративно сме најслаби во категоријата за промени на законска регулатива, што е поврзано со чести измени на закони, кус период за прилагодување за компаниите и недоволно консултации пред носење на измените. Како дополнение, во иднина треба да очекуваме зголемување на бирократскиот товар и чести измени на закони кои ќе прозлезат од процесот на пристапување кон ЕУ.“ – објаснува Клековски.
Овој индекс се пресметува за неколку земји-членки на ЕУ, како Словачка, Чешка, Италија, Шпанија и Литванија. Од следната година се очекува вклучување и на Србија и други земји од регионот.
Во следната фаза на проектот ќе бидат спроведени консултации со претставници на бизнисите и со државните институции, во насока на подготовка на конкретен план и предлози за намалување на бирократските процедури и трошоци за компаниите.
Проектот е поддржан од Цивика мобилитас. Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU).