Децата стануваат херои во борбата против “злогласниот“ зеленчук во оваа забавна кампања
Во новата кампања на британската телевизија ITV и иницијативата за здрава исхрана кај децата Veg Power, различните зеленчуци се всушност чудовишта кои единствено може да се победат само ако се изедат.
Едноминутната реклама, режирана од страна на Ниниан Доф од Pulse Films, има форма на драматичен филмски трејлер и започнува со зборовите: „Тие доаѓаат од длабокото подземје. Водата ги прави посилни. Сончевата светлина им дава моќ. И тие нема да запрат сé додека не го освојат светот.“
Вистинската борба е всушност насочена против прекумерената тежина кај децата. Според последните истражувања, 96% од тинејџерите и 80% од основците во Британија не јадат доволно зеленчук. Насловена “Eat Them to Defeat Them”, новата кампања има за цел да ги поттикне најмладите да јадат повеќе зеленчук преку наметнување на чувството дека се „спасувачи на светот.“
Кампањата е осмислена од страна на агенцијата adam&eveDDB и покрај телевизискиот спот ќе вклучува онлајн, outdoor и принт активности.
„Употребата на адвертајзингот во охрабрувањето на децата да го сакаат зеленчукот и да јадат поздраво е многу важен чекор во подобрувањето на општото здравје на нацијата. Се надевам дека оваа кампања ќе има вистински ефект и ќе инспирира и други ширум светот да создадат креативни дела кои ќе придонесат во решавањето на еден од најголемите здравствени предизвици на планетата,“ истакна Џон Хегерти, советник во Veg Power и еден од основачите на адвертајзинг агенцијата BBH.
Во поддршка на кампањата застанаа и повеќе ланци на супер-маркети како: Aldi, Asda, Co-op, Iceland, Lidl, Marks & Spencer, Morrison, Ocado, Sainsbury’s, Tesco, Waitrose, како и производителот на храна Birds Eye.