Избори – времето кога се снабдуваме со работи како пенкала, запалки, тефтери и слично, за периодот до наредните избори. Понекогаш има и по некој локум или кило брашно. Но, кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп ја однесе работата на сосем друго ниво.
Доколку го посетите неговиот официјален веб-сајт и кликнете на „продавница“, ќе бидете пречекани од 12 страници на различни предизборни промотивни материјали кои може да ги купите (нормално дека ќе ги купите, Америка е во прашање) и на тој начин да ја поддржите неговата кандидатура за втор мандат.
Меѓутоа, покрај вообичаените предизборни производи како маици и пенкала кои ги има секој политички кандидат кој чекорел по планетата Земја, кај Трамп може да најдете еден куп работи што никогаш не би ги поврзале со политичка кампања.
Сакате сложувалка со Трамп застанат пред американското знаме? – 35 долари. Сакате боенка со Трамп кој лета како Супермен? – 20 долари. Сакате политички повод за расправија со другарите додека играте покер во среда навечер? – 25 долари. Дрвени вовчиња за да си играат децата додека вие се расправате за политика? – 40 долари. Новогодишен лампион за елката? – Го има и тоа – 60 долари. „Убава“ украсна хартија со мултиплицираниот мотив „Трамп кој носи дедомразовско капче на кое пишува Keep America Great“? – Секако дека има – 30 долари.
Се прашуваме дали пред летото ќе извади и серија на производи за на плажа како чадори и гумени топки? Нејсе. Она што е факт е дека до 31 март 2020, неговата кампања собрала 240,724,692 американски долари. Останува да видиме дали тоа ќе му донесе втора победа. Но, во секој случај: Merch game strong Mr. Trump!