Во февруари, брендот за спортска опрема Adidas лансираше кампања со која промовираше спортски градници, а прикажуваше 25 пара на голи гради со различна форма, големина и боја на кожа.
Неколку месеци подоцна, Регулаторот за огласувачки стандарди на Обединетото Кралство донесе одлука да ја забрани кампањата на Adidas, како одговор на 24 поплаки за кампањата пристигнати на адреса на регулаторното тело.
Според дел од поплаките, сликите ги „опредметувале“ и „сексуализирале“ жените, така што ги сведувале на „голи делови од телото“. Според другиот дел од полаките, кампањата била несоодветна затоа што можела да биде видена од деца – особено нејзините постери и билборди поставени на јавни места.
На првите полаки, Adidas одговори дека кампањата немала никаква намера да ги опредметува жените. Напротив, сликите ги „отсликувале и славеле различните форми и големини на гради за да илустрираат диверзитет“, потсетувајќи ги жените за важноста од пронаоѓањето на спортски градник кој е погоден баш за нив. Од брендот исто така додадоа дека сите модели дале согласност за кампањата, а нивните глави биле „скратени“ со цел нивна анонимност.
Во однос на поплаките за штетност према децата, од Adidas посочија дека одговорно ги поставувале постерите и билбордите да не бидат во близина на училишта или религиски храмови. Од компанијата дополнително нагласиле дека намерата на сликите била да промовира диверзитет и самоприфаќање, а не сексуална експлицитност.
Британскиот регулатор се согласил со брендот дека кампањата не е сексуално сугестивна, но сепак одлучи дека прикажувањето на голи гради ги крши правилата за „експлицитна голотија“, па затоа повеќе не смее да се прикажува во иста форма како досега.
Од Регулаторното тело дополнително ја поткрепија својата одлука со забелешката дека кампањата за спортски градници ги користи градите како главен фокус, наместо да ги прикаже самите градници.