Рекламите на германскиот авиопревозник Lufthansa во кои компанијата тврди дека го „поврзува светот“ и „ја штити неговата иднина“ повеќе нема да се прикажуваат во Обединетото Кралство, бидејќи Управата за огласувачки стандарди (Advertising Standards Authority) процени дека рекламите погрешно ги наведуваат потрошувачите.
Регулаторното тело неодамна соопшти дека германскиот авиопревозник им дал на патниците лажен впечаток за влијанието на летањето врз животната средина, иако компанијата тврди дека нејзиниот слоган е „отворен за толкување“ и не треба да се гледа како „апсолутно ветување“.
Наместо тоа, Луфтханза тврди дека нивните постери, кои што прикажуваат половина авион и половина од планетата Земја заедно со посочените тврдења, требало да ги адресираат напорите потребни за намалување на емисиите на јаглерод при летањето.
Компанијата понатаму објасни дека на постерите се наоѓа линк кои ги препраќа потрошувачите на нејзината веб-страница Make Change Fly (каде што се опишани мерките за одржливост кои таа ги презема) и со тоа да ја зголеми свесноста меѓу потрошувачите за тоа што компанијата прави за да го намали својот јаглероден отпечаток.
Луфтханза истакна дека тврдењата се направени врз основа на нејзините идни цели, според кои компанијата вети дека ќе стане јаглеродно неутрална до 2050 година и ќе ги преполови сите свои емисии до крајот на оваа деценија.
Но, британскиот регуларот не го споделува нивното мислење, наведувајќи дека Луфтханза упатува на иницијативи кои „ќе дадат резултати само со години или децении во иднината“, појаснувајќи дека во моментов нема такви еколошки иницијативи или комерцијални одржливи технологии во индустријата како што ветува рекламата.
Според тоа, потрошувачите во Обединетото Кралство повеќе нема да ги гледаат тие реклами. Од регулаторното дело упатија порака до компанијата, доколку таа сака да ги промовира своите придонеси кон одржливоста, дека тоа ќе мора да го стори во согласност со постојните упатства за да понуди „појасни и подобро поткрепени тврдења за животната средина во иднина“.