Глобалната агенциска мрежа M&C Saatchi го соопшти назначувањето на Заид Ал-Касаб за генерален извршен директор, по финализирањето на сеопфатен процес на ревизија.
Назначувањето на Заид ќе стапи на сила на 13 мај 2024 година, под услов да се заврши нормалната регулаторна анализа од страна на финансиските советници на компанијата, по што Зила Бинг-Торн, вршител на должноста извршен претседател, ќе се врати на својата улога како неизвршен претседател на компанијата.
Заид има долгогодишно лидерско искуство во огласувањето и маркетингот, управувањето со глобални тимови и експертиза во градењето брендови.
Најскоро, тој беше генерален маркетинг директор на британската телевизија Channel 4, а претходно ја вршеше функцијата генерален директор за бренд и маркетинг во британската телекомуникациска компанија BT Group plc. Заид исто така има поминато 20 години во Procter & Gamble.
„Ние сме среќни што привлековме некој од калибарот на Заид да го води M&C Saatchi во следната фаза на раст. Зеид има докажани лидерски квалитети, управувал со глобални тимови, а неговиот фокус, динамика и комерцијална остроумност насочена кон клиентите ќе бидат многу вредни во мисијата да ја забрзаме нашата траекторија на раст“ – истакнува Зила Бинг-Торн, в.д. извршна претседателка на M&C Saatchi.
„Долго се восхитувам на креативноста на M&C Saatchi и нивното водечко делување во индустријата и среќен сум што се приклучувам на еден од најпознатите огласувачки брендови во светот. Верувам дека M&C Saatchi има уникатна можност за раст, капитализирајќи ја својата комбинација на огласување и специјализирани маркетинг услуги и својот неуморен фокус кон креативни решенија изградени на разбирање на клиентите, со агилна, глобална и интегрирана понуда“ – посочи новоименуваниот извршен директор, Заид Ал-Касаб.
Агенциската мрежа M&C Saatchi има 24 канцеларии со 2,400 вработени ширум светот, со што претставува една од најголемите независни агенциски мрежи на глобално ниво. Нејзиното седиште се наоѓа во Лондон.