Како што сме споменале во неколку претходни наврати, финалето на американската НФЛ Лига, познато како Super Bowl, е настанот за кој „живеат“ американските огласувачи. Тогаш ги гледаме најголемите брендови, како се здружуваат со најголемите филмски, музички и спортски ѕвезди, за да создадат реклами чие емитување за време на натпреварот чини повеќе милиони долари.
Рекламата „Зајачка дупка“ на стриминг-сервисот Tubi, дел од американската медиска компанија Fox, ја доби специјалната награда Super Clio за најдобра реклама емитувана за време на овогодишниот Super Bowl, што ја доделува креативниот фестивал Clio Awards.
Концептот на рекламата е базиран на сега веќе популарната алегорија за „зајачката дупка“, инаку произлезена од анимираниот филм во кој Алиса влегува во „Земјата на чудата“ токму преку зајачка дупка.
Спотот на Tubi отпочнува со драматична сцена во која некоја страшна и џиновска крзнена фигура киднапира девојка која работи на компјутер. Во следните неколку инстанци гледаме слични ситуации од кои дознаваме дека се работи за џиновски зајак, а потоа испаѓа дека всушност постои цела армија на џиновски зајаци кои киднапираат луѓе и ги фрлаат во голема зајачка дупка.
Меѓутоа, додека луѓето паѓаат во дупката, од страна гледаат еден куп телевизори на кои се емитуваат разни филмови и други забавни медиски содржини. Според изразот на нивните лица, се чини дека луѓете веќе не им замеруваат на зајаците, туку уживаат во она што го гледаат. Спотот завршува со слоганот: „Откријте зајачки дупки за кои не знаевте дека ги барате“.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Mischief.
Рекламата е несомнено впечатлива и хумористична, но на еден помалку мрачен начин, со оглед на целата ситуација на киднапирање и киднапирани на кои тоа почнува да им се допаѓа (како некаква варијанта на „Стокхолмски синдром“). Од друга страна, оваа верзија на алегоријата за „зајачка дупка“ помалку нé потсетува и на алегоријата на Платон за пештерата во која заробените луѓе ги гледаат сенките на објектите од надворешниот свет, но не се свесни за нивната реалност. Дали е тоа пак реалноста на стриминг-сервисите?
Што мислите, дали ова навистина беше најдобрата реклама на овогодишниот Super Bowl?