Првиот македонски фестивал на најдобрите настани – БЕАМ (Best of Event Awards Macedonia) е иницијатива на Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП), а произлезе како потреба за мапирање на индустријата и валоризирање на работата на професионалците.
Фестивалот БЕАМ има за цел да им оддаде признание на креативните идеи и настани, но и да се потенцира и поттикне важноста на настаните во маркетинг плановите на клиентите и компаниите. БЕАМ ја слави креативноста, уникатноста, иновативноста и вредната и напорна работа на сите актери во индустријата за организација на настани.
Најдобрите настани ќе се избираат во 15 категории, а ќе ги оценува жири комисија составена од искусни и докажани професионалци во повеќе сектори од креативните индустрии, и тоа: Ана Зафирова, фриленс новинарка и експертка по комуникации; Анета Андонова, oдговорен уредник на Прв Програмски сервис, МРТ 1; Билјана Колемишевска, маркетинг, комуникации и ПР во М Кар Македонија; Борис Ефтимовски, oсновач на Маркетинг365; Ванчо Богев, дипломиран продуцент, директор на Ј.У. МКЦ; Вардан Тозија, филмски и ТВ режисер; Виолета Симјановска, шеф на одделот за менаџмент во културата на Sibelius Академијата, UNIARTS, Финска; Дејан Пројковски, режисер; Душан Марковиќ, корпоративен маркетинг и ПР директор; Емилија Зографска, експерт за корпоративни комуникации во А1 Македонија; Златко Панков, основач на Панекс; Ива Дујак, главен оперативен директор во Brand Union; Коста Петров, основач и извршен директор на Пи Ворлд; Рисима Рисимкин, кореограф, уметнички директор на Танц Фест Скопје и Скопје танцов театар, декан на Филмска академија; Марта Наумовска Грнарова, генерален менаџер на Завар; Мите Димовски, артист, композитор, музички продуцент; Љупчо Јолевски, новинар; Милчо Александоров, дизајнер на светло; и Анета Антова Пешева, ко-сопственик и директор на Ултра/Унет доо Скопје, претседател на МАСИТ – Комора на ИК технологии, почесен конзул на Канада во Р.С.Македонија.
Со цел објективен избор на најдобрите настани, од БЕАМ посочуваат дека се поставени јасни критериуми на оценување и стриктни правила за работа на жири-комисијата, за кои што повеќе можете да прочитате на следниот линк.
Секоја компанија која што сака да земе учество на фестивалот треба да го пријави својот настан со пополнување на апликација која може да се најде на интернет страната на БЕАМ – www.beamfestival.mk. Пријавувањето трае до 20 февруари 2023 година, со можност за рана пријава до 3 февруари.
Доделувањето на наградите ќе се одржи на свечена гала церемонија кон средината на март.