Благодарение на успехот на онлајн продажбата и дигиталното работење, групацијата Индитекс, која е сопственик на познатиот моден бренд Зара, во соработка со Фејсбук и Инстаграм, лансираше игра со помош на која ќе ги рекламира сопствените производи.
Според магазинот Business of Fashion, откако ја изгради најголемата светска модна империја без употреба на телевизија и рекламни паноа, сопственикот на Зара се обидува да ги продаде своите фустани, маици и јакни на поинаков начин – овој пат преку видео игри.
Шпанската група Индитекс реагира на новите трендови на интернет продажбата, здружувајќи се со Фејсбук и Инстаграм за развој на играта „Pacific Game“, со цел привлекување на помлади купувачи за брендот Pull & Bear.
Како што објаснија во објавата, не станува збор за воспоставување директна продажба, туку за градење односи со помлади клиенти. Минатата година, онлајн продажбата донесе една третина од приходите на „Индитекс“, а еден дел од 3 милијарди долари наменети за нови инвестиции, меѓу другото, ќе бидат искористени и за производство на видео игри.
Иако модните брендови имаат многу понуди за рекламирање на видео игри, Индитекс во соработка со Фејсбук отиде чекор понатаму со креирање на сопствена игра со која планира да привлече повеќе посети на веб-страниците, да го зголеми бројот на преземања на мобилните апликации и да понуди позабавни начини за дистрибуција на кодовите за попусти.
„Pacific Game“ го следи купувачот додека патува од Калифорнија до Токио, собирајќи облека и избегнувајќи ги препреките на патот, а играчите го контролираат ликот. До играта се пристапува од профилот на Pull & Bear на Instagram и Facebook и веб-страниците.
Ова не е прв случај на мешање на светот на модата и видео игрите, а претходно луксузниот бренд Burberry лансираше игра како дел од кампањата TB Summer Monogram, чие заштитно лице минатата година беше Кендал Џенер.