Американскиот гигант за прехрамбени производи и производи за миленици, Mars, ја заврши големата агенциска ревизија која беше отпочната во ноември минатата година. Компанијата исто така го претстави новиот маркетинг екосистем насочен кон зајакнување на културната релевантност и ангажираноста на потрошувачите со брендовите на Mars.
По конкурентен процес на поднесување понуди, Mars ја избра агенцијата Publicis да ги води медиумските активности, продукцијата, платените објави на социјалните мрежи, инфлуенсер маркетингот и поврзаната трговија. Во исто време, агенцијата Weber Shandwick на Interpublic Group ќе биде одговорна за засилена глобална ПР стратегија, насочена кон продлабочување на културната поврзаност на јавноста со иконичните брендови на Mars.
Оваа промена го означува крајот на партнерството со WPP, кое започна во 2018 година, кога Mars ги консолидираше сите свои активности за медиумско планирање и закуп со медиумската мрежа GroupM на WPP (од неодамна позната како WPP Media).
Најавените промени претставуваат значително поместување во глобалните маркетинг операции на Mars. Новиот агенциски модел ќе биде целосно имплементиран во двете најголеми деловни единици на компанијата – „Mars Snacking“ и „Mars Petcare“. Дополнително, „Mars Food and Nutrition“ ќе се приклучи на „Snacking“ и „Petcare“, префрлајќи го својот медиумски бизнис на Publicis.
Од компанијата нагласуваат дека долгогодишните креативни партнерства остануваат непроменети. Агенциската групација Omnicom и понатаму ќе го води креативниот развој на брендовите на Mars, кој не беше предмет на ревизијата. Агенцијата T&P ќе продолжи да биде одговорна за креативите активности за одделот „Food and Nutrition“.
Mars ја опиша новата агенциска структура како клучен чекор кон градење на поагилен и културно усогласен маркетинг екосистем, способен да одговори на постојано променливите потреби и очекувања на потрошувачите.
Глобалниот медиумски буџет на Mars се проценува на околу 1.7 милијарди долари.