Телекомуникациската компанија Vodafone го истакнува конзистентниот квалитет на својата мрежа преку драматична телевизиска реклама наменета за британскиот пазар, во која една жена се пораѓа покрај коловоз.
Спотот насловен “Reliability” („сигурност/доверливост“) отпочнува со гласните сирени на брзата помош која ита да ѝ помогне на жена што почнува со пораѓај покрај коловоз. Додека болничарите брзаат кон неа, еден од нив се јавува на породилното одделение во болница и се распрашува за процесот на породување. Истакнувајќи ја доверливоста на мрежата, акушерката на линија ги води болничарите низ процесот за безбедно пораѓање на бебето.
„Сигурноста е природно многу важна за нашите клиенти. Сакавме да најдеме начин да го илустрираме тоа: приказна со која луѓето би можеле да се поврзат емоционално, наместо едноставно рационално тврдење“ – посочува Марија Куцудакис, бренд и маркетинг директорка на Vodafone во Обединетото Кралство.
„Со оглед на тоа што 77% од службите за итни случаи [во Обединетото Кралство] имаат договори со Vodafone, сметавме дека ова е совршена платформа не само да ја прикажеме нашата порака за доверливоста на мрежата, туку и да ја прикажеме неверојатната работа што тие ја прават за нас“ – додава Кацудакис.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Ogilvy UK, чиј управен директор, Џастин Кокс, објаснува: „Довербата во мобилната мрежа е најважна. Сакавме да ја доловиме важноста за тоа како сигурната мрежа на Vodafone може да им помогне на персоналот за итни случаи да останат ладни, смирени и поврзани во секое време. За време на продукцијата, соработувавме со болничари и акушерки за да обезбедиме медицинска точност во текот на нашата приказна“.