(СВЕТ) – Една од водечките светски медиски агенции, ZenithOptimedia, ги намали своите проценки за инвестициите во глобалниот адвертајзинг пазар во 2015 и 2016 година, пред се поради продолжената рецесија во источна Европа, конфликтот во Украина, санкциите врз Русија и побавниот раст во Кина.
Агенцијата, која е во сопственост на Публицис групацијата, сега предвидува дека адвертајзинг пазарот ќе порасне за 4,4% на 544 милијарди оваа година (за разлика од претходното предвидување кога проектираше раст од 4,9%). Наредната година, адвертајзинг инвестициите, според новите проценки на ZenithOptimedia се очекува да скокнат за 5,3% поддржани од неколку глобални настани, меѓу кои и Летните Олимписки игри и претседателските избори во САД (претходно предвидоа раст од 5,6%.
И покрај корегираните, намалени стапки на раст, овие предвидувања се многу над просечните 2,8% кои беа случај за последните 10 години.
И ова ново истражување и предвидување на ZenithOptimedia, уште еднаш го потврди трендот дека главен двигател на овогодинешниот адвертајзинг пазар ќе биде online видеото, благодарение на огромниот пораст во конзумација на видео на мобилни уреди како и проширената употреба на интернет-конектирани уреди како Смарт телевизори и гејминг конзоли. Смарт телефоните добиваат поголеми екрани и подобра интернет инфраструктура (4Г) што ќе овозможи уште поголема продукција и конзумација на online видео содржини.