Мрежата Zephyr Angels ја реализираше својата инвестиција во barKoder, deep-tech стартап кој развива високо-прецизни софтверски решенија за скенирање баркодови. Ова е првото надворешно финансирање за компанијата од нејзиното основање во 2021 година.
Главниот производ на barKoder – barKoder SDK – овозможува на бизнисите да ги заменат традиционалните хардверски скенери со флексибилна, скалабилна и поекономична софтверска алтернатива. Компанијата е основана од тим со над 14 години заедничко искуство во областа на технологијата за скенирање: Вангел Иванов (CEO/CCO) и Владимир Лазаревски (COO) од Македонија, и Владимир Живковиќ (CTO) од Србија. Широкиот технички тим е базиран во Македонија, каде што се одвива главниот развој на производот.
barKoder произлегува од реална потреба – наместо комплексни и скапи уреди, тимот создаде решение кое е полесно за интеграција, подобро прилагодено за девелопери и поодржливо на долг рок. Од своето лансирање, платформата има над 1.200 регистрирани девелопери, тројно зголемена веб присутност и потврден пазарен интерес од ранi клиенти.
Оваа инвестиција ќе овозможи проширување на функционалностите на производот – вклучувајќи OCR и поддршка за Augmented Reality – како и јакнење на продажните и маркетинг активности. barKoder има потенцијал да стане водечко софтверско решение за скенирање, особено во период кога големи играчи како Cognex го напуштаат SDK пазарот.
За barKoder
barKoder е компанија од новата генерација, фокусирана на развој на софтвер за баркод и OCR скенирање. Преку својот напреден SDK, barKoder овозможува скенирање со ниво на прецизност како хардверски уреди – директно преку паметни уреди. Решението е применливо во логистика, малопродажба, здравство и мобилност, со фокус на интеграција, брзина и одржливост.
За Zephyr Angels
Zephyr Angels е регионална мрежа на бизнис ангели која инвестира во технолошки стартапи во рана фаза што имаат врска со Македонија — преку основачи, тимови, технологии или пазари. Мрежата е составена од претприемачи, експерти и професионалци од дијаспората, кои обезбедуваат не само почетен капитал, туку и стратешка поддршка, менторство и пристап до глобални ресурси. Целта на Zephyr Angels е да ја поттикне иновацијата и претприемништвото преку паметни инвестиции и партнерства.