Речиси 25 години Живко Мукаетов ја гради својата кариера во „Алкалоид“, работејќи на повеќе позиции, а на чело на компанијата е речиси 20 години. За компанијата тој истакна: Историски гледано, компанијата растела и се развивала низ многу специфични времиња и системи во текот на своето 9-децениско постоење, но секојпат покажувала резилиентност и брза адаптација кон промените. Во ексклузивното интервју за InStore тој додава дека постојано се работи на достоинствена и посветена глобализација на „Алкалоид“, а во регионот е веќе креирана фузија за деловен развој кој секогаш е поттикнат со инвестиции, кои во последните пет години достигнаа 104,1 милиони евра.
За работењето на „Алкалоид“, но и за ставовите поврзани со економската состојба на земјава и регионот, за регионалните иницијативи и за многу други теми, прочитајте во интервјуто со генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Како Вие, лично, го доживувате развојниот пат на „Алкалоид“ откако сте на позицијата генерален директор, а и лично Вашиот во рамките на компанијата?
Мојот пат во „Алкалоид“ го почнав на свои 25 години, во септември 1999, од базичните хиерархиски нивоа на компанијата, од каде што преку разни менаџерски позиции, во мај 2006 година бев назначен за генерален директор, а потоа и претседател на Управниот одбор. Со доаѓањето на најодговорната позиција во еден голем систем како „Алкалоид“, со цврсто поставени принципи на корпоративно управување, настојував да внесам нова енергија согласно спецификите на модерните текови. Во 2006 година пласманите на „Алкалоид“ изнесуваа 57,7 милиони евра, а 2022 година ја завршивме со 231,9 милиони евра консолидирани продажби. Овој четирикратен пораст, во услови кога речиси секоја година била одбележана со некаков кризен предзнак, воопшто не беше лесен. Но, историски гледано, компанијата растела и се развивала низ многу специфични времиња и системи во текот на своето 9-децениско постоење, но секојпат покажувала резилиентност и брза адаптација кон промените. Во контекст на успешниот развој, можеби клучните зборови се посветеност и напорна работа. „Алкалоид“ во моментов е компанија на над 2.700 семејства, а секој член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да продолжи да расте и да се развива.
„Алкалоид“ е посакуван бизнис-партнер како на македонскиот така и на странските пазари. Што треба да исполнува една компанија за да биде ваш соработник/ партнер?
Во листата со доставувачи на „Алкалоид“ на македонскиот пазар регистрирани се околу 1.200 мали и средни претпријатија. Листата со соработници и партнери во земјава и во регионот брои повеќе од 1.500. Во сите наши операции се залагаме за испорачување константно висок квалитет, чесност, исполнителност, висока деловна етика, професионален интегритет и кредибилитет кои ги бараме кај секоја компанија со која имаме воспоставено каков било вид соработка.
Колкав процент зазема извозот во работењето на „Алкалоид“? Кој пазар од Јадранскиот Регион е најдоходовен, а кој воопшто на светско ниво каде што работите? Кои производи се предводници на порастот?
Во првиот квартал од 2023 година 72% од нашите пласмани беа наменети за извоз. Србија е нашиот најголем извозен пазар, а процентуално, земјите од Југоисточна Европа учествуваат со 29% во извозот, 20% се наменети за Источна Европа, 22% се пласмани на западноевропските пазари.
Според категоријата на производи, предничат фармацевтските со 90%, а 10% се од сегментот хемија, козметика и билкарство.
Кои се главните разлики во работењето во другите држави во кои е застапен „Алкалоид“ во споредба со Македонија? Што може да се научи/примени во работењето кај нас?
Секој пазар има своја специфика и треба да се третира индивидуално, а за да бидете конкурентни на кој било странски пазар, неопходни се инвестиции во локални кадри, во производствено портфолио, во маркетинг. Од друга страна, фармацевтските производи се високо регулирана категорија и влезот на странските пазари е исклучително тежок. Но, процесот на глобализирање на брендот „Алкалоид“ е почнат пред околу две децении. Во тој поглед комплетно но сме подготвени за адаптација на веќе прифатените законски и деловни норми и правила на работење кои се практикуваат на пазарите во високоразвиените земји во Европа, Америка, Блискиот Исток и слични, но Македонија и регионот се и остануваат главната база на нашите операции.
Каква е ситуацијата на македонскиот пазар, колкав дел од пазарот држат брендовите на „Алкалоид“ во одредени категории? Какви Ви се плановите во поглед на вложување во нови брендови, дали наскоро може да очекуваме нешто ново?
Доколку зборуваме за лекови, помошни лековити средства и додатоци во исхраната, за жал, македонскиот пазар е недоволно регулиран. До некоја мера би можел истото да го кажам и за детската козметика, а токму во овие два сегменти особено ми е драго што сме лидери на македонскиот пазар и предничиме во однос на квалитетот со увозната конкуренција.
Што се однесува до вложувањето во нови брендови, би го споменал MultiEssence кој е umbrella бренд на производи кои се издаваат без лекарски рецепт. Задоволството е големо што, на пример, нашиот производ oд овој бренд, Магнезиум 400 со Б комплекс, предничи во однос на конкуренцијата во својот сегмент не само во Македонија, туку и на пазарите во регионот.