Генералниот директор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов, даде интервју за магазинот „Connecting The Region“ во кое се осврна на компаниската традиција која датира скоро девет децении, брендовите изградени од генерации вработени, инвестициите во нови производи и технологии, освојувањето нови пазари и регионалната соработка.
Вашата компанија растеше и се развиваше со децении, бурни и полни со предизвици, покажувајќи дека издржливоста и способноста за брзо прилагодување кон промените се од пресудно значење во бизнисот. Би се согласиле ли со тоа?
Скромните почетоци на Алкалоид датираат од август 1936 година, кога на периферијата на Скопје, во границите на тогашна Југославија, беше отворен еден од најстарите капацитети за преработка на алкалоиди. Од само два погони со 15 работници, денес – 88 години подоцна – Алкалоид се протега на околу 80.000 м2 производствени капацитети и близу 3.000 вработени во седиштето во Скопје и во 22 подружници во 15 земји во светот.
Штотуку го завршивте вашиот најголем инвестициски потфат во последните две децении, кој бараше многу ентузијазам, знаење и пари. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за овој објект?
Посебна пресвртница во долгата историја на Алкалоид се случи со изградбата на новиот капацитет за цврсти дозирани форми и полу-синтетички цефалоспорини, кој беше пуштен во употреба во 2002 година, со помош на конвертибилен заем од EBRD/IFC, за што Алкалоид спроведе строги принципи на корпоративно управување. По две децении решивме да ги надградиме нашите 12.000 m2 производствени капацитети за цврсти дозирани форми со дополнителни 6.200 m2. Инвестиравме 19,4 милиони евра и го зголемивме обемот на производство од две на четири милијарди таблети годишно.
Извезувате повеќе од 70% од вашето производство. Србија е вашиот најголем извозен пазар каде пласирате 90% од вашите фармацевтски производи. Каде на друго место сте присутни?
Соработката на Алкалоид со мултинационални компании како Pfizer и Sanofi се протега пет децении наназад. Во 2005 година воспоставивме успешна соработка со американски компании специјализирани за производство на билни производи, како што се Aveda, Arbonne International, Swanson итн. Првата дозвола за продажба во ЕУ Ја добивме за Лизиноприл во 2007 година, а денес во ЕУ имаме над 950 дозволи за наши сопствени фармацевтски производи. Компанијата оттогаш постојано расте и до денес има постигнато петкратен раст, што воопшто не беше лесно.
Ништо не може да ве запре кога се работи за инвестиции, иновации и следење на трендовите. Можете ли да ги споделите вашите размислувања во врска со ова?
Во овие модерни времиња на брз проток на информации, луѓето не комуницираат со анонимни производи, туку градат односи со брендови во кои ги идентификуваат сопствените вредности. За да опстане еден бренд, мора постојано да ги исполнува дадените ветувања и да испорачува високо и постојано ниво на квалитет. Брендот не се создава преку ноќ, преку една маркетинг кампања; тоа бара време, трпение, инвестиции, многу напорна работа и паметна стратегија.
Продолжете да го читате македонскиот превод на целото интервју на следниот ЛИНК.