Многу наши автори, уметници, дизајнери веќе работат за познати светски брендови, па овој потег на „Божиновски“ треба да го следат и други домашни успешни компании, повеќе да вложат во промоција на домашните автори, да го искористат нивниот талент, знаење и да се создаде производ со кој сите ќе се гордееме и кој ќе биде на ниво на познатите светски брендови – вели Кардула, во интервјуто за порталот umno.mk.
Чест е да се соработува со ваков голем бренд како „Своч“. Посебна тежина дава моментот што ова е прва ваква соработка со уметник од нашата земја. Ме радува и тоа што овој проект доби убава завршница – вели уметникот Зоран Кардула, кој е првиот од Македонија што дизајнираше рачен часовник „Своч“. Оттаму оправдано е и што името на проектот е „Своч на кирилица“, а компанијата „Божиновски“, генерален застапник на овие часовници во земјава посебно се заложи.
Тие го избраа Кардула да биде првиот уметник што ќе создаде македонски дизајн за „Своч“. Со него разговараме за инспирацијата, за желбата да се даде свој печат на ваков светски бренд. Тој избра женски лик, кој е препознатлив за неговата уметнички печат. Симболично е што токму годинава „Божиновски“ одбележува 30 години постоење, исто колку и самостојна Македонија.
– Сакав она што ќе го понудам да биде препознатливо, односно да го отсликува она што го работам. Така што логично беше дизајнот да биде со еден лик од жените кои ги цртам и илустрирам и кои се одлично прифатени од мојата публика. Ете симболично е и поклопувањето на јубилеите кои најверојатно се повод за да започне овој проект – вели Кардула.
Тој објаснува дека имал целосна слобода од самиот почеток во тоа што сакал да го претстави на часовникот.
– Сакав таа да претставува силна жена, жена борец која се бори за своите права, достоинствена и со јаки доминантни бои. Така настана Дениција, сликата која ќе биде мотив на „Своч“- часовникот. Таа е насликана во црно-бело, како и сите мои ликови, облеката е црвена, а позадината е златна и дискретно потсетува на нашите национални бои. Името дојде спонтано како силно препознатлив лик од македонската поезија – вели уметникот.
Целосното интервју можете да го прочитате на: https://umno.mk/zoran-kardula-sakav-denicija/