Голем број на познати брендови за брза храна, како McDonald’s, Burger King, KFC, Carl’s Jr., Wendy’s и други, ја користат црвената како примарна боја. Но, потрошувачите веројатно не се свесни за науката позади ваквата одлука.
Во студија од Универзитетот во Винипег, Канада, истражувачите дознале дека луѓето можат да создадат впечаток за поединци и производи во рок од 90 секунди од првата интеракција. Огромен дел од ваквата перцепција – дури 62 до 90 проценти – се заснова само врз боја.
Како таква, бојата која ја користат брендовите станува особено важна, бидејќи може, барем делумно, да одреди дали потенцијалните клиенти ќе останат или ќе си заминат. Истражувањата откриваат дека црвената е моќна боја која ги привлекува луѓето на истиот начин како што брзите црвени автомобили можат полесно да бидат забележани од сообраќајната полиција.
Меѓутоа, во истражувањето се посочува дека црвенилото има дополнителен ефект на „стимулирање апетит“. Таа дури може да ги поттикне луѓето кои веќе се најадени да бараат повеќе.
Покрај тоа, црвената е боја на доминантноста, што може да биде еден од факторите зошто McDonald’s на пример, е попопуларен бренд за брза храна од виолетовиот Taco Bell.
Црвената поттикнува и на импулсивност, што може да резултира трошење на повеќе пари од планираното. Оваа боја предизвикува емоција која е повеќе поврзана со брзи одлуки и исполнување на желби, што во конкретниот случај може да се преведе како „одлучно купување на брза храна без чувство на несигурност.“
Голем број на брендови за брза храна често ја користат и жолтата боја и тоа во комбинација со црвената, што не е случајно, имајќи во предвид дека жолтата боја симболизира „среќа“ и „пријателство.“ Комбинацијата на црвена и жолта боја исто така потсетува и на најчестите комплементарни додатоци кон брзата храна – кечапот и сенфот (т.н. „Теорија на качап и сенф“).
Следниот пат кога влегувате во ресторан за брза храна, размислете дали изборот на бои е случаен?