Еколошко предупредување: Не секој отпад треба да заврши на депонија!
Жешка тема во последните месеци се депониите и нивниот еколошки ефект на животната средина, но и важните, а често игнорирани прашања кои произлегуваат од овој механизам на управување со отпадот. Наративот оди дури дотаму што се преиспитува дали на депониите воопшто им е местото во и околу градовите како, густо населени области. Затоа, денеска прашуваме: Дали отпадот мора да заврши на депонија? Што можеме да направиме ние како заедница да се осигураме дека депониите нема да ја уништат нашата животна средина?
Депониите претставуваат места и локации каде што се исфрла отпадот и најчесто се закопува помеѓу слоеви на земја. Во нив се исфрла секаков вид на отпад: од тврди цврсти материи до биолошки отпад кој се нашол во кантите и контејнерите. А токму тоа е и најголемиот проблем…
Не секој отпад припаѓа на депонија! Депониите имаат репутација на „канцерогени бомби“, поради токсините кои се наоѓаат во отпадот и кои се шират и го загадуваат воздухот, водата и земјата. Самата опасност од нив претставува сериозна закана и за здравјето на граѓаните кои живеат околу, што ја објаснува загриженоста на нашите сограѓани од неколку општини во Македонија и нивната желба да го кренат гласот за да го адресираат овој проблем. Но, во сета бучава околу депониите важно е да запаметиме дека имаме моќ да влијаеме барем на типот и количината на отпадот кој се одложува во нив. Бидејќи не секој отпад е подеднакво „штетен“.
Чисто за пример, на едно пластично шише му се потребни повеќе од 20 години за да се разложи по природен пат во депонијата. На металниот отпад му се потребни повеќе од 50 години, а стаклото има навистина долг век на траење и може да поминат дури и повеќе од 500 години за да се разложи. Тоа значи дека ваквите типови на (најчесто) амбалажен отпад имаат најголеми еколошки импликации на природата и животната средина. Истовремено, токму овие типови отпад можат да се рециклираат и да се реупотребат, наместо да завршат на депонијата каде што ќе ја загадуваат почвата со години.
А што можеме да направиме ние? За почеток, да се осигураме дека отпадот завршува онаму каде што му е местото. Пластичниот, стаклениот и хартиениот отпад можат многу лесно да се одложуваат во соодветните канти и контејнери кои ги поставува Пакомак, секој од нив обележан со посебни бои. Правилата се едноставни: Жолто за пластика, зелено за стакло и сино за хартија. А доколку живеете во некоја од општините кои имаат пристап до Повратните вендинг машини (ПВМ), тогаш ја имате можноста да го одложите пластичниот отпад и да добиете награда за возврат, преку системот на „зелени поени“. Одложувајте го отпадот, собирајте поени и потоа преку апликацијата ЕкоМак одберете како ќе ги потрошите. Навистина, со овој иновативен механизам на Пакомак, секој добива!
Со следење на овие насоки ќе се осигурате дека селектираниот отпад нема да заврши на депонија, туку онаму каде што му е местото. Откако отпадот ќе заврши во системот на Пакомак, тој оди на рециклирање и се пренаменува во нови материјали и предмети, така давајќи му нов живот на она што некој го нарекува „ѓубре“.
И само со свесно и еколошки оправдано делување можеме да кажеме дека ја вршиме нашата улога во општеството. Факт е дека не можеме да ги затвориме сите депонии, но можеме да го намалиме нивниот негативен еколошки ефект. Затоа, следниот пат кога ќе го исфрлате отпадот од дома, застанете и размислете каде тој припаѓа и што ќе се случи со него доколку не е одложен на вистинското место. Имаме моќ да направиме промена.