Автор: Благој Ѓелевски, Tivius Productions
Иако многумина ја поистоветуваат, лендинг страна не е исто што и веб страна. Точно е дека лендинг страната е дел од самата веб страна, но е многу различна по концепт и функција. Во суштина повеќето бизниси имаат веб страни, но немаат лендинг страни.
Ако имаш сопствен бизнис, сега почнуваш нов, или можеби се занимаваш со маркетинг, тогаш оваа статија е за тебе.
Што е тоа лендинг страна?
Продажбата е процес, а не момент. Маркетингот е дел од тој процес наречен продажба. За да се случи продажба, во главата на потенцијалниот купувач треба да се случат неколку психолошки реакции/тригери. Повеќето за жал го гледаат само тој финален момент, не сфаќајќи дека на тој момент претходел период на убедување.
Лендинг страната е токму дел од тој процес на убедување кој претходи на актот на финалната продажба на одреден производ или услуга.
Во суштина, лендинг страната е алатка на дигиталниот маркетинг, која има за цел да привлече потенцијални купувачи, преку собирање некаков податок од потенцијалниот купувач. Обично тоа е или емаил адреса или телефонски број.
Зошто ти е неопходна лендинг страната?
Изминатиов период ги набљудував банерите на различни фирми на некои од најпосетуваните веб портали во Македонија. Она што забележав е дека многу од нив ги линкуваат самите банери или со нивната фејсбук фан страна, или со веб страната на нивната компанија. Без дилеми залудно фрлање на пари.
Замислете вака. Се наоѓате на www.time.mk од најпосетуваните агрегатори на вести во Македонија и десно ви се појавува голем банер со промоција на одреден автомобил. Претпоставуваме дека ве заинтригира рекламата и кликате на неа, со желба да дознаете повеќе.
Линкот ве носи на фејсбук страната на компанијата која го рекламира автомобилот. И? Се наоѓате пред екран со изобилие од информации кои само ве збунуваат. Баравте повеќе информации, но не фејсбук страна со стотици различни постови. Збунети и без информацијата која ја баравте вие го гасите тој таб. Компанијата ве изгубила како купувач, бидејќи само ве збунила. Не ви дала насоки, корисни информации…
Замислете, линкот да ве однесеше на страна каде прегледно и јасно ќе дознаевте повеќе за автомобилот, ќе добиевте информации каде се наоѓа изложбениот салон, и ќе видевте поле каде ќе можеше да оставите ваша емаил адреса на која ќе добивавте информации за попусти и промоции кои во иднина ќе ги нуди компанијата.
Значи вие ќе добиевте информација, а продавачот би добил ваша емаил адреса, преку која дополнително ќе може да ве информира и евентуално да ве убеди да го купите автомобилот.
Како изгледа една добра лендинг страна. Неколку примери на добри лендинг страни.
Добра лендинг страна е страна која конвертира и страна која продава. Добрата лендинг страна е едноставна, ти ги дава потребните информации, има копче за акција, има форма за оставање емаил адреса во замена за брошура, купон за попуст и сл., можеби има тајмер за создавање ургентност, и секако има препораки од задоволни купувачи/клиенти и успешни приказни.
AirBnb
AirBnb е веб платформа која има два вида клиенти. Едни кои изнајмуваат апартмани/соби/куќи и други кои ги издаваат тие апартмани/соби/куќи. Со цел да привлечат луѓе кои би издавале апартман, соба или куќа, тие имаат направено одлична лендинг страна.
Страната содржи калкулатор, кој според локацијата каде ви се наоѓа апартманот, ви прави проценка колку отприлика би заработувале месечно со негово издавање. Право во целта!
Веднаш до калкулаторот има копче за акција GET STARTED. Подолу има дополнителни информации кои се јасни и концизни, како и приказни од други луѓе кои издаваат апартмани преку AirBnb. На крајот уште едно копче за акција.
Nauto
Науто е апликација, која користи вештачка интелигенција во кабината на автомобилот за да го процени возачот, возилото и патот, пред да открие и да го оттргне ризичното и агресивно возење. Или едноставно кажано, апликација која се грижи да возите безбедно, и ве предупредува доколку сте дефокусирани од возењето.
Науто добро знаат дека пред да продадеш, мора прво нешто да дадеш. Тие на својата лендинг страна даваат бесплатна брошура за безбедно возење, а за возврат бараат неколку информации од вас, како емаил, телефонски број, име на компанија и сл.
Преку тие информации, подоцна тие ќе можат да ве доубедат да ги купите нивните информации, знаејќи дека сте веќе заинтересиран за нивниот продукт.
Значи лендинг страната е и одличен филтер преку кој ги филтрирате заинетересираните од незаинтересираните. Оние кои се заинтересирани ќе остават емаил, а оние кои не се, едноставно ќе си заминат од страната. Но, заинтересиран, не значи подготвен за купи веднаш, туку треба уште малку да го доубедите, но за тоа во друга прилика.
WebProfits
Уште еден пример за добра лендинг страна е лендинг страната на WebProfits. Покрај одличниот минималистички дизајн, страната ви дава можност да направите анализа на веб страните на вашата конкуренција. Сепак за да го добиете тоа, кое е бесплатно, треба да оставите ваши податоци.
Значи повторно, лендинг страната и бесплатниот подарок, се во насока на продажниот процес, т.е. во насока на обезбедување дополнителни податоци и филтрирање на заинтересираниот и потенцијален купувач. За да во понатамошната фаза, преку испраќање мејлови или контактирање телефонски, да се доубеди потенцијалиот купувач.
Заклучок
Доколку имате сопствена фирма, или водите некому маркетинг, немојте да фрлате пари во банери кои се линкувани до вашата фејсбук страна. Направете лендинг страна која ги содржи елементите опишани погоре и линкувајте ја со вашиот банер или фејсбук пост (доколку се промовирате на фејсбук).
Лендинг страната е добра толку, колку што конвертира и продава. Таа е дел од еден поширок процес на продажба и маркетинг наречен инка или канал за продажба (sales funnel).
Лендинг страната е ефикасна и корисна. На македонските компании дефинитивно им треба едукација за полезноста од лендинг страните. Нека оваа статија биде мал придонес во таа насока.