Колумна на Петар Ниновски, основач на Brainster
За истражувањето и пишувањето на статии кои вашата публика и потенцијалните клиенти ќе ги читаат потребно е време. На некои компании, особено на стартапите овој ресурс им е ограничен.
Малку е иронично што во Блог статија пишувам како блогирањето веќе не е толку ефикасно, но мораме да бидеме свесни за тоа и да се адаптираме.
Што ако блогирањето одзема многу време а рекламите веќе не носат резултати? Што ако на вашиот бизнис му е потребна брза тракција за да преживее?
Потребен ни е маркетинг кој луѓето нема да го перцепираат како реклама.
Дали постои алтернатива која носи брза тракција и резултати? ДА, алтернативата се нарекува „Site Project“ маркетинг.
Дали досега сте го слушнале терминот „Site Project“ маркетинг? Највероватно не, но некои компании веќе ги уживаат придобивките од ваквиот начин на маркетирање. Нема точна дефиниција за терминот „Site Project“ маркетинг но за да ви го објаснам ќе се послужам со еден реален пример.
Како да стартувате „Site Project“?
Ќе се обидам да ви одговорам на ова прашање со анализа на реален пример за компанијата „Snappa“ .
Snappa.io претставува веб апликација која им помага на дигиталните маркетери да создадат и споделат високо-интерактивна визуелна содржина, претежно наменета за блогирање и објавување на содржина низ социјалните медиуми.
Корисниците на Snappa плаќаат $15 месечно за користење на платформата. За Snappa да ги продаде месечните пакети потребно е да ги донесе потенцијалните клиенти на својата платформа.
За таа цел тимот на Snappa како „Site Project“ ја има создадено „StockSnap“. StockSnap е платформа каде можете да најдете бесплатни сток фотографии. Но внимавајте, не ви се потребни само посетители, туку потенцијални купувачи. Корисници на бесплатната алатка StockSnap се истите оние кои ја користат и Snappa алатката. При користење на бесплатната алатка StockSnap, корисниците се препраќаат на Snappa каде лесно можете да додадете ефекти и филтри на фотографијата, да додате текст, графички елементи па дури и лејери. Дополнително Snappa имаат многу добро обмислен „freemium“ за кој ќе зборувам во некоја наредна статија.
Моментално 75% од корисниците на Snappa доаѓаат директно од нивниот „Site Project“.
Пред да почнете да размислувате за „Site Project“ размислите дали овој нов проект е проект кој ќе и ги реши проблемите на вашата таргет група. Дали ресурсите инвестирани во овој проект ќе се исплатат. Дали овие корисници би можеле да бидат ваши клиенти. Но немојте вашиот „Site Project“ да го гледате само како shortcut за да направите продажба. Наместо тоа создадете вредност за корисниците преку создавање на беспалтни алатки, веб страни, апликации и сл, вредност која е во согласност со вашата основна дејност без притоа да го изгубите главниот фокус.
Можете и да размислите како да направите „Site Project“ во соработка со друга комплементарна компанија со која би ги поделиле трошоците а истовремено ќе креирате дополнителна вредност за двете страни.
Во денешно време е многу полесно да направите „Site Project“ за разлика од пред неколку години и освен основната цел на ваквиот проект постојат уште неколку причини зошто треба и вие да направите нешто вакво:
- Создавате дополнителна вредност за останатите.
- Ваквите проекти се освежувачки и возбудливи за вашиот тим
- Го поттикнувате креативното размислувње на вашиот тим
Имате идеја за Site Project? Контактирајте ме да поразговараме: petar@brainster.co
Доколку ви се допадна оваа статија споделете ја со пријателите.