Колумна на Данче Азманова
Кој е првиот резултат што ти се појавува на Google кога ќе го напишеш своето име и презиме? Дали е тоа твој профил и името на компанијата во која што работиш? Грешка во старт!
За жал, имаме тенденција да се идентификуваме со компанијата во која што работиме. Во сабота на ручек кај роднините, се фалиме низ призмата на компанијата и нејзините успеси. Но, каде сме ние во оваа приказна како индивидуи?
Денес си во една компанија, следна година ќе направиш трансфер во нова, за две години, ќе си отвориш свој бизнис. Ако постојано ја носиш етикетата на компанијата во која што работиш како дел од себе, никогаш нема индивидуално да се развиеш како експерт во твоето поле.
Компанијата во која што работиш денеска ја има, но утре можеби ќе банкнотира (го имам искусено ова два пати). Она што остана покрај корисното искуство, е мојот личен бренд што го градев со години.
Како го постигнав тоа?
Си направив листа на мои силни страни и постојано ги изложував во јавноста, било онлајн постирајќи на LinkedIn или во канцеларија преку разговор со колеги или соработници.
Сфатив дека не секогаш луѓето ќе те прифатат како пакет, со сите твои доблести и недостатоци и тоа е сосема во ред. Оние кои што ќе го препознаат твојот потенцијал како професионалец, ќе го најдат патот до тебе.
Моето искуство покажува дека кога си отворен за нови предизвици, имајќи ја на ум вредноста што ја носиш, ќе добиеш безброј можности да бидеш дел од брилијантни проекти каде што ќе имаш плодна почва да си го покажеш потенцијалот на дело.
Патот до брендирање на себе е да бидеш активен/а и постојано да работиш на тоа да ги истакнеш твоите силни страни (додека во позадина работиш на тоа да си ги елиминираш слабите страни) и несебично да го споделуваш своето знаење со секому кому му е тоа потребно.
Запрашај се: Што е она што сакам да го правам ако не треба да се грижам за заработка? По кои мои вештини сакам да бидам запаметена?
На пример, кога некој ќе каже Данче Азманова, јас вложувам во насока на тоа да бидам асоцирана со пишување квалтетни текстови, креативни промоции на продукти и настани, интересни интервјуа и одлични презентациски вештини. А ти?
Почитувај ги компаниите во кои што работиш, но никогаш не идентификувај се себеси како личност (приватно и професионално) со компанијата. Газдите може се супер, ама не ти се родители (освен ако си во домашен бизнис).
Се додека тие имаат потреба од твојата експертиза ти ќе бидеш дел од тимот. Моментот кога нема да ги достигнеш посакуваните резултати или ќе се намали потребата од твоите вештини, it’s game over. Се што ќе ти остане е твојот личен бренд што си го градел за самиот себе.
Така да, ако никогаш досега не си размислувал/а за личен брендинг, не е страшно. Но, ако сакаш да успееш во светот на бизнисот, почни да се промовираш уште денеска.
Не ја оставај твојата кариера на случајноста. Не дозволувај твоите работодавци да одлучуваат кои се епитетите кои што ќе го красат твоето име. Не дозволувај работното место да одлучува дали ти си вреден како личност или не. Ако ти не се промовираш себе, не очекувај другите да го направат тоа наместо тебе.
Гледај го деловниот свет како твоја сцена. Надмини го стравот и самоуверено покажи кој/а си вистински и талентот што го носиш во себе. Твојата автентичност ќе биде препознаена од вистинскиот работодавец.
Ако ова не ти тргне од рака, секогаш ја имаш опцијата да си отвориш сопствен бизнис и ти да си капетанот на бродот при реализација на твоите уникатни идеи. Зошто да не?