battlestar-galactica-mk-630x90
Home » Истражувања » Регулатива во однос на рекламирањето во Македонија (прв дел)

Регулатива во однос на рекламирањето во Македонија (прв дел)

Инспирирани од една претходна статија на порталов решивме да прочепкаме низ македонските регулативи и да провериме какви одредби постојат во Македонија кои директно или индиректно се однесуваат на рекламните пораки прикажани на мас медиумите и севкупно на адвертајзинг индустријата односно продуктите кои ги “произведува“и пласира.

Иако не сосем сопфатно (според авторот на текстов), сепак во Македонија, согласно Законот за радиодифузна дејност и Законот за заштита на потрошувачите – постојат определени параметри кои се однесуваат на видот на рекламирањето и формата на претставување пред пошироката јавност, па решивме во два поголеми поста на порталов да ги излистаме со надеж дека ќе иницираме дебата од фелата.

Иако е сосема јасно дека законот за радиодифузна дејност пред се, се однесува за радиодифузерите и нивниот “однос“ спрема рекламирањето, не е на одмет овие одредби да се знаат и од оние кои ги подготвуваат рекламите.

Законска регулатива во однос на рекламирањето - Маркетинг365

Во Законот за радиодифузна дејност, поднаслов “Рекламирање,Телешопинг и Спонзорство“ околу 22 члена од законот ги пропишуваат, помеѓу другите и следниве одредби:

Член 87 (став два)

Рекламирањето и телешопингот треба да бидат вистинити и чесни, да не ја заведуваат јавноста и да не се против интересите на купувачите, односно корисниците на услугите.

Член 88

Рекламирањето и телешопингот што се упатени на децата или тие во нив учествуваат, не смеат да содржат пораки што можат да ги повредат нивните интереси и да им наштетат на децата во развојот поради нивната посебна чувствителност. Телешопингот не смее да ги поттикнува малолетните лица да стапуваат во договор за продажба или изнајмување на стоки или услуги.

Со рекламирањето и телешопингот не смее:
– директно да се поттикнуваат малолетните лица да купуваат производи или услуги искористувајќи го нивното неискуство или лекомисленост;
– директно да ги охрабруваат малолетните лица да бараат од родителите или од други лица да ги набават рекламираните производи или услуги;
– да се искористува посебната доверба што малолетните лица ја имаат во родителите, наставниците или други лица и
да се прикажува малолетни лица во опасни ситуации.

Малолетните лица не смеат да бидат вклучени во платено политичко рекламирање за време и надвор од период на изборна кампања.

Член 89

Со рекламирањето и телешопингот не смее:
– да се загрозува човечкото достоинство;
да се темели врз нагласување на национални, етнички, религиозни, полови, расни или други разлики;
да се поттикнува однесување опасно за здравјето или однесување коешто ја нарушува безбедноста;
– да се поттикнува однесување што ја загрозува животната средина и
– да ги навредуваат религиозните или политичките убедувања.

Член 90

Огласувачот, односно нарачателот на реклама или на телешопинг, како и спонзорот не смеат да влијаат врз содржината на програмата на начин со кој ќе се намали самостојноста на радиодифузерот и неговата одговорност.

Член 91

Времетраењето на рекламирањето на јавниот радиодифузен сервис не може да изнесува повеќе од 13,33% или 8 минути од времето на емитување во текот на еден реален час, односно вкупно 13,33% од времето за емитување во текот на еден ден.

Освен играната, спортската и забавната програма, јавниот радиодифузен сервис не може да ги прекинува своите програми заради емитување на реклами.

На јавниот радиодифузен сервис не е дозволено рекламирање во периодот од 17,00 до 21,00 часот на телевизиските програмски сервиси и од 9,00 до 14,00 часот на радио програмските сервиси, освен во преноси и интегрални снимки на спортски натпревари, програма од сопствена продукција, друга програма произведена во Република Македонија, културни манифестации и настани од големо значење утврдени согласно со овој закон.

Член 92

На јавниот радиодифузен сервис не му е дозволено рекламирање на политички партии и кандидати.

Јавниот радиодифузен сервис и непрофитните радиодифузни установи не можат да емитуваат телешопинг.

Во програмите на непрофитните радиодифузни установи не е дозволено рекламирање.

Член 93

Процентот на рекламните спотови, телешопинг спотовите и другите форми на рекламирање со исклучок на телешопинг прозорците и платената политичка програма за време на изборна кампања, на трговските радиодифузни друштва, не смее да изнесува повеќе од 20% од дневно емитуваното време.

Времетраењето на рекламните спотови не смее да надминува 15% од дневно емитуваното време.

Времетраењето на рекламните спотови, телешопинг спотовите и другите форми на рекламирање не смее да изнесува повеќе од 20% или 12 минути од времето за емитување во текот на еден реален час.

Член 94

Телешопинг прозорците можат непрекинато да траат минимум 15 минути, а максимум 40 минути.

Максималниот дозволен број прозорци на ден е осум.

Вкупното времетраење на телешопинг прозорците не смее да биде подолго од три часа дневно.

Во периодите, односно во реалниот час кога се емитува телешопинг прозорец, не е дозволено емитување на рекламни спотови, телешопинг спотови, како и други форми на рекламирање.

Телешопинг прозорците треба да бидат јасно издвоени од другиот дел на програмата со оптички и акустички средства.

Радиостаниците можат да емитуваат само телешопинг спотови.

Член 95

За време на изборна кампања, со посебна одлука, Советот за радиодифузија може да дозволи најмногу 20% дополнително време за платена политичка програма во текот на денот, односно 20% или 12 минути дополнително време за емитување платена политичка програма на еден реален час.

(продолжува…)

Автор Борис Ефтимовски

Борис е маркетинг и ПР професионалец, основач на Маркетинг365. Во своето работно портфолио, вклучува работни ангажмани за повеќе домашни и интернационални мали, средни и големи компании каде бил вклучен како маркетинг/ПР менаџер или консултант. Доколку Ви е потребна асистенција или консултација за Вашите маркетинг, ПР или продажни активности пишете му на: boris@marketing365.mk

ФБ Коментари

comments

Marketing365 Marketing365 Marketing365