Home » Extra 5 » Затворање на кладилниците и казината во Македонија?

Затворање на кладилниците и казината во Македонија?

Пред нецели два месеци во јавноста и медиумите силно одекна информацијата дека владата на соседна Албанија донела одлука дека сите казина и обложувалници од градските средини мора до 1 јануари да бидат затворени и “преселени“ надвор од градовите. Истовремено, премиерот Еди Рама упати и порака до медиумите да престанат со рекламирање на овие “бизниси“ и како што велат многу граѓани да ја шират “заразата“ на ова навика.

Исто така, како што се најавува, во Албанија се затвораат и сите електронски казина, кои сега ги има на главните улици во градовите, а ќе бидат достапни само во хотелите со пет ѕвезди кои се наоѓаат надвор од урбаните региони. Дека ова е храбра одлука илустрираат и економските показатели кои велат дека албанските граѓани во овие објекти потрошиле повеќе од 130 милиони евра или по 46 евра од жител што е многу повеќе од просекот во другите земји од регионот. Според достапните информации во осумте најголеми фирми за игри на среќа има повеќе од 7,000 вработени и многумина од нив после 1 јануари ќе останат без работа.

Овој потег на владата на Албанија не помина не забележително ниту во Македонија, каде многу граѓани на социјалните мрежи избраа силно да ја поздрават одлуката со која според нив се прави чекор напред во сузбивањето на негативните општествени практики на опседнатост со обложувалници и казина – која не ретко прераснува во проблем за многу граѓани кои потоа се задолжуваат и стануваат проблем за своите семејства и целата заедница.

Засега во Македонија не била отворена јавна дебата за импактот кој обложувалниците го имаат во нашето секојдневие и влијанието кое тие го имаат врз развојот на вредносните системи на младите луѓе.

Паралелно со овие коментари пред неколку дена се појави информацијата дека во третиот квартал од оваа година, еден од секторите кој најмногу позитивно влијаел врз порастот на македонскиот БДП од 3% се токму обложувалниците, казината и трговијата, што сигнализира дека овие дејности и понатаму се значајни за развојот на економијата.

Во по “либералните“ кругови, оваа одлука на албанската влада се оцени позитивно и од еден друг аспект, сега повеќе ќе доаѓаат “да се коцкаат“ во Македонија – велат тие. Според коментарите кај граѓаните кои немаат ништо против обложувалниците и казината, ние треба да одиме чекор напред и да дозволиме и други табу “практики“ како што е легализација на проституцијата, конзумирање на марихуана или создавање на региони-економски и даночни раеви.

Од друга страна, тие што се противат на обложувалниците и казината сметаат дека и нашата влада треба да ја следи албанската во оваа насока и ние исто така да донесеме одлука со која овие дејности ќе ги “прогласиме“ за непожелни во нашето општество и силно да испратиме порака дека сакаме да развиваме држава која повлекува линија за било каква можност за овие “негативни пракси“  и одбира да развива по-прифатливи бизнис дејности.

Кој е вашиот став по ова прашање?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365