Поранешниот генерален извршен директор на Твитер, Џек Дорси, и новиот најголем сопственик на акции во Твитер, Елон Маск, ги здружија силите за развој на „рудник“ за биткоини кој ќе работи на обновлива енергија.
Проектот беше откриен за време на годишната Конфернција за Биткоин во Мајами, од страна на ко-основачот на Blockstream, Адам Бек, кој всушност е третиот партнер во соработката.
„Рудникот“ ќе биде опремен со енергетска технологија од прозводителот на електрични возила Tesla, чиј генерален директор е токму милјардерот Елон Маск. Претходно, Тесла ги паузираше плаќањата во биткоин токму зараде еколошката неодржливост на нивното „копање“, но се чини дека сето тоа наскоро ќе се смени.
Уште еден важен принцип на проектот ќе биде неговата транспарентност, односно јавноста ќе има увид во перформансите на „рудникот“, неговата енергетска потрошувачка и количината на биткоини кои се „ископани“.
Третиот партнер Адам Бек ги изрази своите надежи дека овој проект ќе има свои придонес кон развојот на поодржлива економска и енергетска иднина, очекувајќи и други компании да им се придружат во нивните напори за еко-одржливо „копање“ на криптовалути со помош на обновлива енергија.