Дел од македонските провајдери повеќе не ги емитуваат каналите на Discovery и EuroSport. Според извори кои ги консултираше порталот Фактор, не станува збор за едностран прекин на емитувањето туку главната причина е што договорите со каналите истекол на 31 декември 2017, а за новиот договор од страна на компанијата сопственик на популарните ТВ канали била побарана значително повисока сума на пари.
Според информациите на Фактор, за каналите Discovery, Investigation Discovery, TLC, Animal Planet, EuroSport1 и EuroSport2 од операторите била побарана значително повисока сума на пари за продолжување на договорот отколку досега постоечкиот. Според нив, доколку операторите кои обезбедуваат услуги за дигитална телевизија за овие канали, ги прифателе новите услови, тогаш провајдерите би биле принудени да воведат дополнителна претплата како за премиум каналите или пак целосно да ги покачат цените на корисничките пакети.
Таквата одлука била донесена и во интерес на самите крајни корисници бидејќи на крајот тие би имале поголема штета со значително повисока претплата. Треба да се истакне дека простор за договор меѓу провајдерите и ТВ каналите постои сеуште доколку во понатамошните преговори се постигне разумна сума како што тоа го укажува досегашната пракса и претходно утврдените цени кои биле неколку пати пониски.
Ваков спор не е уникатен случај за македонскиот пазар бидејќи со слична ситуација се соочил и грчкиот оператор ОТЕ, како и познати оператори низ Балканот, Источна Европа, Бенелукс и Скандинавија, и во сите случаи операторите донеле одлука или да не ги продолжуваат договорите или да ги исклучат каналите на Discovery.
Според информациите на Фактор.мк, провајдерите со новиот предложен договор биле принудени да ги земат сите понудени канали на Discovery во пакет, па така и цената за отплата била неколкукратно зголемена, што според пресметките на провајдерите не било економски исплатливо и одржливо.
Во меѓувреме провајдерите пуштија нови канали кои треба да послужат како замена за Discovery, Investigation Discovery, TLC, Animal Planet, EuroSport1 и EuroSport2. Од нив се издвојува BBC Earth каналот кој нуди многу квалитетна документарна програма со висок квалитет на продукција.