Во претходниот пост Регулатива во однос на рекламирањето во Македонија (прв дел) се осврнавме на дел од одредбите во македонското законодавство кои посредно или непосредно се поврзани со огласувањето како промотивна активност и адвертајзингот како индустриски сегмент.
Во првиот пост споменавме за некои одредби од Законот за радиодифузна дејност, со кои и сега најпрво ќе продолжиме а потоа ќе се прферлиме кон дел од битните одредби содржани во Законот за заштита на потрошувачите.
Првиот дел од оваа статија, можете да го видите на овој ЛИНК
Во Законот за радиодифузна дејност, поднаслов “Рекламирање,Телешопинг и Спонзорство“ е содржано и следново:
Член 97
Рекламирањето и телешопингот треба да бидат јасно препознатливи и издвоени од другите делови на програмата со оптички или акустички средства.
Рекламните спотови и телешопинг спотовите по правило се емитуваат во блокови вметнати меѓу рекламите. Рекламирањето и телешопингот не смеат да користат потсвесни техники.
Член 98
Прикриеното рекламирање и прикриениот телешопинг се забранети.
Во програмите на радиодифузерите не е дозволено изложување на производи чие име или марка се видливо истакнати.
Член 100
Во вести и други дневно-информативни програми, како и во преноси или одложени снимки од верски служби, не е дозволено емитување на рекламни или телешопинг спотови.
Не е дозволено емитување на рекламни или телешопинг спотови во актуелно-информативни програми, детски, документарни и верски програми, чие планирано времетраење е помало од 30 минути.
Доколку планираното времетраење на програмите од ставот 2 на овој член е 30 минути или подолго ќе се применуваат одредбите од членот 99 став 1 алинеја 4 на овој закон.
Член 101
Не е дозволено рекламирање и телешопинг на:
– дрога, тутун и производи од тутун, алкохол и алкохолни напитоци освен вино и пиво; (Се прашувам зошто виното и пивото се “привилегирани“ во овој случај)
– медицински третмани и лекови што се издаваат само со лекарски рецепт;
– оружје и фирми што продаваат оружје и
– телефонски услуги со посебна тарифа со еротски содржини во периодот од 6,00 до 24,00 часот.
Член 102
Рекламирањето на медицински третмани и лекови што се издаваат без лекарски рецепт мора да биде јасно препознатливо, искрено, вистинито, да подлежи на проверка и да се придржува до барањето за заштита на поединецот од оштетување.
Член 103
За веродостојноста и точноста на тврдењата и податоците во рекламниот или телешопинг спотот е одговорен нивниот нарачател, а за неговата усогласеност со закон одговорниот уредник во медиумот.
Член 105
Рекламирање и телешоп не треба да прикажуваат, визуелно или тонски, лица кои редовно презентираат вести и актуелни информативни емисии.
Член 106
Во спонзорираните програми, треба јасно да биде идентификуван спонзорот на погоден начин на почетокот или на крајот на програмата, односно да биде јасно нагласено дека се работи за спонзорирана програма.
Спонзорираните програми не треба да ја поттикнуваат продажбата, купувањето или изнајмувањето на производи или услуги од спонзорот или на трето лице.
Член 107
Не е дозволено спонзорирање на вести и други информативни програми, како и програми од политички или религиозен карактер.
Не е дозволено спонзорство од страна на физичко лице или организација чија главна дејност е производство или продавање на производи или давање на услуги чие рекламирање е забрането, согласно со членот 101 од овој закон.
Член 108
Спонзорирањето на програми од страна на организации чии активности вклучуваат производство или продажба на медицински производи и медицински третмани може да го промовира името или имиџот на организацијата, но не смее да промовира конкретни медицински производи или медицински третмани достапни исклучиво на лекарски рецепт.
Во Законот за заштита на потрошувачите член 24, Рекламирањето е дефинирано како:
Рекламирање на производи и услуги е секоја форма на правење презентација поврзана со трговска или деловна дејност, занаетчиство или професија за да се промовира снабдувањето на производите или услугите, вклучувајќи ги и недвижен имот, права и обврски.
Заведувачко рекламирање е секое рекламирање кое на било каков начин, вклучувајќи ја и неговата презентација, ги доведува во заблуда или е веројатно дека ќе ги доведе во заблуда лицата на кои им е наменето и кое заради својата измамничка природа најверојатно ќе влијае врз нивното економско однесување или кое од овие причини го повредува или најверојатно ќе го повреди конкурентот.
Споредбено рекламирање е секое рекламирање кое, заради продажба на некој производ или услуга, директно или индиректно влијае на конкурентноста на пазарот, односно кое директно или индиректно влијае на конкурентскиот производ или услуга.
Исто така во истиот закон во однос на оваа тема е пропишано и дека:
Забрана за заведувачко рекламирање
Член 27
Заведувачко рекламирање на производи или услуги е недозволено.
Споредбено рекламирање е дозволено ако се исполнети условите предвидени со овој или друг закон.
Забрането е рекламирање коешто го навредува човечкото достоинство, коешто предизвикува или може да предизвика телесна, душевна или друга штета кај децата, кое на децата им шири пораки и делови од пораки со кои се искористува или злоупотребува или би можела да се злоупотреби, нивната лесномисленост и недостаток на искуство.
Оцена за заведувачко рекламирање
Член 28
При одлучувањето дали рекламирањето е заведувачко, се земаат предвид сите негови карактеристики, а особено сите информации содржани во рекламата во врска со:
– својствата на производите или услугите, составот на производот, начинот и датата на производството, начинот и времето на вршење на услугите, достапност на производите или услугите, количината на производите, спецификацијата, прилагоденост на производите и услугите за користење за одредени цели, географското или комерцијалното потекло на производите или услугите, резултатите коишто можат да се очекуваат од користењето на производите или услугите, резултатите или другите наоди од тестовите или проверките извршени врз производите или услугите;
– цената, начинот на пресметување на цената, односно условите за продажба на производите или вршење на услугите и
– правата на огласувачот, неговиот идентитет и имотот со кој располага, неговите квалификации, сопственост врз индустриски, комерцијални права или правата од интелектуална сопственост, или награди и признанија кои ги добил.
Претпоставки на дозволено споредбено рекламирање
Член 29
Споредбено рекламирање е дозволено ако:
– не е заведувачко во смисла на членовите 27 и 28 од овој закон;
– се споредуваат производите и услугите кои ги задоволуваат истите потреби или се со иста намена;
– објективно се споредува еден или повеќе материјални, релевантни, верифицирани и репрезентативни карактеристики на тие производи и услуги каде што може да се вклучи и цената;
– не создава забуна на пазарот меѓу огласувачот на рекламата и неговите конкуренти, или забуна меѓу заштитниот знак, заштитното име и другите карактеристични знаци, производи или услуги на објавувачот на рекламата во однос на истите на конкурентот;
– не ги обезвреднува конкурентите на пазарот, нивните активности, по однос на заштитниот знак, заштитното име, другите карактеристични знаци, производи или услуги или условите на конкурентот;
– производите со ознаки за потекло се споредуваат со производите кои имаат иста ознака;
– не се одразува негативно на угледот на заштитниот знак, заштитното име или другите карактеристични знаци на конкурентот или на ознаките за потеклото на конкурентските производи и
– не се однесува на производи или услуги кои се рекламираат како имитација или дупликат на производот или услугата со заштитен знак или заштитно име.
Ако споредбеното рекламирање се однесува на посебна специјална понуда, во рекламата мора, на јасен и недвосмислен начин, да биде истакнат временскиот период во кој важи посебната понуда, достапноста на производите и услугите од специјалната понуда, времетраењето на специјалната цена и другите специфични услови што ќе се применуваат.
Барање за прекин или забрана на недозволено рекламирање
Член 30
Трговците, нивните асоцијации и здруженијата на потрошувачите кои имаат интерес, имаат право да бараат од надлежниот инспекциски орган да наложи да се прекине заведувачкото, односно недозволеното споредбено рекламирање доколку поседуваат докази за точноста на фактичките тврдења во рекламата.
Ако рекламата сé уште не е објавена, а е извесно нејзиното објавување, трговците и здруженијата на потрошувачите кои имаат интерес, имаат право од надлежниот инспекциски орган да бараат да го забрани објавувањето на заведувачкото, односно недозволеното споредбено рекламирање.
На барање на потрошувачот, надлежниот инспекциски орган може со решение да го прекине заведувачкото, односно недозволеното споредбено рекламирање, да му наложи на трговецот да го објави решението за прекинување, односно забрана на заведувачкото, односно споредбено рекламирање или да се изврши исправка на рекламата на сметка на огласувачот, доколку во определен рок огласувачот не достави доказ за точноста на фактичките тврдења наведени во рекламата.
Оценување на заведувачкото рекламирање
Член 31
Трговците и здруженијата на потрошувачите имаат право да бараат стручно мислење од Стопанската комора на Македонија дали рекламата е заведувачка и недозволена, односно дали е во согласност со Меѓународниот кодекс на применетата пракса на Меѓународната трговска комора.
Мислењето од ставот 1 на овој член не е обврзувачко.
Исто така во овој закон, Законодавецот се осврнал и на се поприсутната форма на рекламирање, преку организирање на наградни игри и нудење на награди за определена акција.
Ветување на награда (член 7)
Трговецот кој при понудата на производот или услугата на потрошувачот му ветува награда, дека со купување на производот или давањето на услугата ќе добие награда, должен е таа награда да му ја даде на потрошувачот најдоцна во рок од осум дена од денот на купувавањето на производот или давањето на услугата.
Доколку трговецот од ставот 1 на овој член организира наградна игра е должен ветената награда да му ја даде на потрошувачот во рок од осум дена од завршувањето на наградната игра.
Авторот на статијата нема амбиција дека направил целосна анализа на севкупната законска регулатива која на било кој начин го тангира рекламирањето во Македонија, но смета дека овие неколку одредби даваат определена претстава како законодавецеот се поставил во својот однос спрема оваа маркетинг активност и смета дека овие две статии се доволен повод за коментари и дебати дали и колку прописите правилно/доволно го регулираат адвертајзинг просторот. Што мислите? :)