Во центарот на Скопје од денеска започна да работи Илузиум, првиот Музеј на илузии во Македонија, каков што има во европските градови. Беше подготвуван неколку месеци и е направен по оригинален музејски концепт, а лоциран е на ул. Максим Горки на 550 квадратни метри и три нивоа. Со отворањето на овој музеј кој е со уникатен дизајн и концепт, Скопје ќе се позиционира на музејската мапа во регионот како град со најголем музеј од ваков тип.
Музејот на илузии нуди повеќе од триесет содржини и во него ќе најдете соба со огледала каде посетителите се мултиплицираат, соба за гравитација, превртени соби и соби со опозитни архитектури, соба во која навидум пропаѓате во дупка или налетувате на воз и многу други. Дополнително, музејот има и галериски простор кој може да се изнајми за роденденски забави, а содржи и кафе бар и продавница за сувенири.
„Станува збор за оригинално концептно решение, музеј на илузии, кој за првпат се отвора во нашиот град и држава, токму во срцето на Скопје. Музејот ќе понуди рекреација преку илузионистичкиот простор кој ќе ја промени реалноста која ја доживувате. Посебноста на нашиот Музеј на излузии во однос на тие што постојат во регионот е во тоа што тој нуди колаж од повеќе музејски содржини и активности и во тоа се состои неговата оригиналност.“, изјавил Билјана Илиќ, менаџер за односи со јавност на музејот.
Иако примарниот фокус на музејот се најмладите генерации, содржините се интересни за сите возрасти поради ефектите на испревртување на реалноста кои ги имаат.
Музејот има ангажирано и стручен музејски персонал односно водичи кои можат да ги водат посетителите низ поставката и да им ги објаснат содржините. Остварена е и соработка со магионичари и пантомимичари кои ќе ги водат експерименталните делови на роденденските забави.
„Градот Скопје беше жеден за ваков тип на туристичка понуда. Според податоците кои ги имаме, некои од музеите во Скопје достигнаа број од 200 илјади посетители во последните неколку години со тоа што интересот постојано се зголемува. Со музејот на илузии, Скопје ќе биде уште попрепознатлив на Балканот и во Европа.“, изјави Љупчо Јаневски, директорот на Агенција за промоција на туризмот.
Илузиум ќе работи секој ден, од понеделник до петок од 8 до 20 часот, а за викенди од 9 до 20 часот. Влезницата за домашните и странските посетители чини 300 денари, за дете до 12 години изнесува 200 денари, а понудена е и можноста за групни и семејни карти.