Познатиот уличен уметник Бенкси за време на пандемијата на коронавирус ја наслика својата позната слика наречена Game Changer на која се гледа момче како си игра со кукла на медицинска сестра, која е прикажана како суперхерој, а Бетмен и Спајдермен се фрлени во корпа за отпадоци.
Ова дело беше изложено во општата болница во Саутемптон, со порака „Благодарам за се` што правите. Се надевам дека ова дело ќе донесе некоја светлина на ова место, иако е црно-бело“.
Ова уметничко дело се најде на аукција и е продадено за рекордна цифра.
Според светските медиуми, сликата на Бенкси, која е направена во чест на британските медицински работници, е купена за 16,8 милиони фунти (19,5 милиони евра).
Аукциската куќа „Кристи“ изјави дека приходот од продажбата ќе се искористи за финансирање на здравствени организации и добротворни организации низ цела Велика Британија.