На овогодинешното 30-то издание на Сараевскиот филмски фестивал ќе му биде оддадена почест на палестинскиот режисер Елија Сулејман како признание за неговиот исклучителен придонес во филмската уметност. На наградуваниот автор ќе му биде врачена наградата „Почесно срце на Сараево“, додека ретроспектива на неговите избрани филмови ќе биде прикажана како дел од програмата „Посветено“.
Сулејман беше гостин на 25. Сараевски филмски фестивал (2019) кога неговиот филм „Тоа мора да биде рај“ беше прикажан како дел од програмата на отворено, а истата година во Кан ја освои специјалната награда од жирито. Сулејман исто така беше претседател на жирито на 22. Сараевски филмски фестивал (2016) и гостин на 19. Сараевски филмски фестивал (2013).
„Наша чест е да му одаддеме признание на исклучителен автор и пријател на Сараевскиот филмски фестивал, кој го користи универзалниот филмски јазик за да зборува за основните човечки вредности и емоции: страв и надеж, дом и татковина. Со својот карактеристичен дух, хумор и длабоко разбирање, Елија Сулејман ја покажува сложеноста на нашето постоење, осветлувајќи ги апсурдите на животот со ненадмината јасност и трогателна светлина, прикажувајќи го духот и идентитетот на Палестина во уникатен авторски стил. Сега, во најтемните времиња на неговата татковина, неговото дело претставува светилник на разбирање, потсетувајќи нè на моќта на раскажувањето за поттикнување на многу потребниот дијалог“ – истакнува Јован Марјановиќ, директор на Сараевскиот филмски фестивал.
Родена во Назарет во 1960 година, Елија Сулејман живеел во Њујорк од 1981 до 1993 година. Додека бил во Соединетите Американски Држави, ги режирал своите први два кратки филма: „Вовед во крајот на расправијата“ и „Омаж со атентат“, освојувајќи бројни награди. Во 1994 година се населил во Ерусалим, каде што Европската комисија му ја доверила мисијата за формирање на Катедрата за филм и медиуми на Универзитетот Бирзеит.
Неговиот прв долгометражен филм „Хроника на едно исчезнување“ ја доби наградата за најдобар прв филм на Венецискиот филмски фестивал во 1996 година. Со филмот „Божествена интервенција“ во 2002 година ја доби наградата од жирито на Канскиот филмски фестивал и наградата ФИПРЕСЦИ што ја доделува меѓународната асоцијација на филмски критичари, како и наградата на Европската филмска академија за најдобар странски филм доделена во Рим.
Во 2007 година беше избран меѓу 35-те режисери кои работеа на филмот „До секој свое кино“ снимен во чест на шеесетгодишнината од Канскиот филмски фестивал. Неговиот игран филм „Времето што преостанува“ беше во официјална конкуренција на Канскиот филмски фестивал во 2009 година. Во 2012 година го заврши краткиот филм „Дневник на почетник“, дел од омнибусот „7 дена во Хавана“, кој беше прикажан како дел од програмата „Неизвесен поглед“ на Канскиот филмски фестивал.
Неговиот последен игран филм „Тоа мора да биде рај“ ја освои Специјалната награда на жирито во Кан во 2019 година и наградата ФИПРЕСЦИ на меѓународната асоцијација на филмски критичари на Канскиот филмски фестивал.
Бил член на жирито на бројни фестивали, меѓу кои и филмските фестивали во Кан (2006) и Венеција. Добитник е на бројни награди, меѓу кои се издвојува онаа на „Принцот Клаус“ од 2008 година. Во 2020 година, Министерството за култура на Франција го награди со „Орден за уметност и литература“.
Добитник е на наградата за Европско достигнување во светската кинематографија во 2022 година на Европската филмска академија и почесен докторат од Католичкиот универзитет во Ловејн од Белгија во февруари 2023 година.
Елија Сулејман моментално е уметнички советник на Филмскиот институт во Доха.