Од Mozilla го најавија лансирањето на новиот веб прелистувач кој ќе има вграден AdBlocker и претплата на квалитетни содржини, а чие користење ќе се наплатува
Вечната “војна” помеѓу профитабилниот интернет и оној без реклами никогаш нема да заврши со победник, но сè повеќе се работи на различни идеи за компромис кој ќе ја најде вистинската мера и за едниот и за другиот. Google Chrome сè почесто блокира веб-реклами кои не се во согласност со правилата на “добра реклама” и смислува како да го направи целосно достапен својот adblocker само на оние кои плаќаат – а до слична идеја дојде и Mozilla.
Новата верзија на веб прелистувачот Firefox, која сеуште е во фаза на подготовка, треба да има вграден adblocker и на тој начин да обезбеди подобро искуство за сурфање, но со надомест. За претплата во износ од 4,99 долари на месечно ниво, корисникот би добил нова верзија на Firefox и веб кој целосно е “исчистен” од реклами. Дополнително, оваа верзија на Firefox ќе овозможи пристап за наведената цена до содржини кои се наплаќаат.
“Остваривме партнерство со некои од најдобрите издавачи во светот за да ви донесеме подобро корисничко искуство”, велат од Мозила. Парите собрани од претплатите ќе бидат поделени со овие издавачи. Покрај тоа, претплатниците ќе имаат на располагање и аудио верзии на текстовите од истите извори, како и специјална апликација за пронаоѓање на нови квалитетни содржини и некои корисни додатоци за синхронизација на работата кои не се достапни во “обичниот” Firefox.
За сега преземањето на оваа верзија не е можно, но сите кои се заинтересирани за плаќање на ваквиот веб пребарувач, својот интерес можат да ги изразат со пополнување на краток прашалник, а новата верзија ќе им биде доставена веднаш штом биде достапна.