Во последниот извештај за глобалниот огласувачки пазар, Магна – истражувачка агенција во рамките на IPG Mediabrands, предвидува раст на инвестициите во сферата на огласувањето за 3,7%, односно на 505 милијарди долари до крајот на 2017 год.
Дигиталните медиуми ја надминаа телевизијата и го превземаа приматот во приходите од огласување. Во најголем дел, за тоа е заслужна продажбата во сегментите на импресии и кликови на мобилните уреди (54%). Самата продажба на телевизиските формати, до крајот на годината, за прв пат по 2009 год. ќе опадне за 1%.
Клучни наоди од истражувањето
- На глобално ниво, инвестициите во сферата на огласувањето ќе се зголемат за 3,7% во 2017 год., и тоа на 505 милијарди долари, што е во согласност со претходните проценки кои МАГНА ги објави во декември минатата година. Во однос на растот остварен претходната година (5,9%), новите предвидувања претставуваат забележителен пад.
- Се очекува дека глобалниот раст на огласување ќе достигне 4,5% во 2018 год., со враќање на големите телевизиски случувања на годишно ниво (Светското првенство во фудбал во Русиија, изборите за претставничкиот дом во САД, Зимските олимписки игри во Јужна Кореја).
- 67 од 70 пазари кои МАГНА ги анализираше оваа година ќе доживеат одредено ниво на раст. Во рамките на 20 најголеми пазари, најмногу се очекува раст во Кина и Шпанија (двете за 7%), Индија (12%) и Русија (10%).
- Најбрзорастечки региони оваа година ќе бидат Централна и Источна Европа (7,2%), пред Јужна Америка (5,9%) и Азиско-пацифичкиот регион (5,6%). Успорувањето во однос на 2016 год. главно е концентрирано во Северна Америка (1,7% наспроти 7% минатата година) и Западна Европа (2,8% наспроти 4% минатата година).
- По растот за време на 2016 год. (3,3%), оваа година продажбата на телевизиските реклами ќе се намали за скоро 1% заради недостатокот на спортски случувања и ерозијата на гледачи и рејтинзи, и покрај инфлацијата на цените по минута емитување.
- Продажбата на онлајн реклами ќе се зголеми за 14% оваа година, додека продажбата на офлајн огласи (телевизија, печат, радио, надворешно рекламирање) ќе се намали за 2%. Онлајн огласувањето ќе надмине 200 милијарди долари (204 милијарди долари) и ќе стане категорија број 1 на глобално ниво, со 40% вкупна продажба на реклами, во однос на 36% колку што се одвојува за телевизија.
- Во рамките на дигиталната продажба, поголемиот дел од приходите (54%) ги генерира продажбата на импресии и кликови на мобилните уреди. Мобилното огласување оваа година за прв пат ќе го надмине досегашниот максимум од 100 милијарди долари (110 милијарди долари).
- Видео и форматите на социјалните мрежи ќе продолжат да го предводат растот на дигиталното огласување (30% или повеќе), додека пак платеното пребарување повторно ќе го удвои растот на приходите (13%) и ќе остане примарен формат (скоро половина од продажбата на дигиталните огласи).
Според зборовите на Винсент Летанг, Извршен потпретседател на глобалните истражувања на пазарот во рамките на МАГНА и автор на извештајот: „Рекордното ниво на раст во 2016 год. на глобално ниво, кој го надминува економскиот раст, во поголем обем е предизвикан од маркетарите кои, иако се обидуваат и понатаму да останат приврзани на телевизијата, и покрај порастот на цените за минута емитување, поспремни се да ги прифатат новите можности кои ги пружаат дигиталните медиуми (пребарувачи, социјални мрежи, видео формати и програматик). Во 2017 год. и дигиталниот и офлајн растот ќе се успорат. Продажбата на интернет реклами сепак ќе продолжи да го удвојува растот на повеќето пазари (глобално 13%), додека продажбата на телевизиските реклами ќе опадне за 1% заради порастот на цените, ерозијата на рејтинзите и недостатокот на глобални спортски случувања.“
Средна и Источна Европа достигнуваат раст од 7,2%, односно износ од 16,7 милијарди долари
Продажбата на огласи во Средна и Источна Европа оваа година ќе порасне за 7,2%, на 16,7 милијарди долари, што ги надминува претходните очекувања. Растот на потрошувачката полека ќе успори во 2018 год. на 5,3%.
Иако во последните неколку години регионите на Источна и Средна Европа беа карактеризирани како политички несигурни и економски нестабилни, може да се каже дека ситуацијата до некаде се нормализираше и стабилизираше во текот на 2016 и 2017 год. Приходот од огласување во Русија во 2016 год. порасна за 10,5%, а сличен раст се очекува и во 2017 год. Украина во текот на 2016 год. се опорави, враќајќи се на раст по две години пад и повторно ќе расте до крајот на 2017 год.
Конечно, турскиот пазар на огласување и оваа година го продолжува растот за скоро 8%, и покрај политичките немири и затворањето на многу публикации.
Зад Украина и рускиот раст на опоравување, најбрз раст доаѓа од Романија, Турција и Чешка, кај кои растот оваа година се зголемува повеќе од очекуваното.
Најспор раст во регионот се очекува во Хрватска, каде е актуелна потрошувачка дефлација. Се очекува и пазарите кои до оваа година се бореа, да покажат извесен раст или знаци на опоравување во 2017 год.
Погледнете краток видео преглед на извештајот: https://player.vimeo.com/video/221425150
Комплетниот извештај е достапен на линкот: http://magnaglobal.com/wp-content/uploads/2017/06/MAGNA-Global-Ad-Forecast-Spring-Update-June-2017-PR-Executive-Summary.pdf