Најголем предизвик при изработката на оваа анализа и пресметка ни претставуваше фактот да определиме кои портали ќе ги вклучиме во естимацијата имајќи го во предвид фактот што на пазарот има повеќе од 100 интернет медиуми кои се борат за парче од огласувачкиот колач во Македонија.
Голема помош добивме од најголемите медиски агенции кои ни асистираа во задачата да ги пронајдеме сајтовите кои се најзастапени во барањата на нивните клиенти и согласно тоа најмногу пати вклучувани во нивните медиски планови.
Затоа како репер кои сајтови ќе ги разгледувавме, тимот на Маркетинг365 се водеше од инпутот кои сајтови се најзастапени во комерцијалните огласувачки кампањи од агенциите кои ги застапуваат топ огласувачите во земјава.
Дел од приходите на правните субјекти кои стојат позади сајтовите, доаѓаат и од други активности кои не се примарно поврзани со услугата “огласување“ на нивниот портал, па затоа од некои од сајтовите побаравме и “прочистување“ на вкупните приходи и одвојување на бројката потребна за оваа анализа. Им благодариме на сите портали кои несебично ни помогнаа да го финализираме ова истражување кое е прво од ваков тип последниве години и да извадиме ориентирна бројка за тоа колку отприлика изнесува интернет колачот во Македонија.
Така, кога се анализираат приходите од 2016 година на 15-те најзастапени портали во огласувачките кампањи (подредени по азбучен ред: Гол, Екипа, Кајгана, Курир, МКД, Мотика, Оффнет, Пресс 24, Пулс 24, Тајм, Точка, Фактор, Факултети, Фемина и Црно Бело) се доаѓа до бројката вкупни приходи од 97 687 444 денари или околу 1,5 милиони евра.
Тоа што навистина радува да се види е фактот што дури 11 од погоре набројаните сајтови оствариле подобри приходни резултати во 2016 споредено со претходната 2015 година.
Доколку сакаме да го процениме целиот интернет адвертајзинг буџет кој се троши во македонските портали, на оваа бројка од 1,5 милиони евра вкупни приходи на 15-те најзастапени портали во медиа плановите, треба да се вкалкулираат и останатите буџети кои се издвојуваат за останатите портали, оние потесно специјализираните кои воглавно заработуваат од директни договори со компании и институции и секако оние што влегуваат преку некои домашни и странски адвертајзинг мрежи.
Изминативе неколку месеци се случуваат и разни аквизиции на online пазарот, каде најзабележителни се активностите околу создавањето на медиумска групација под капата на една од најголемите ИТ компании во земјава, потоа спојувањето на неколку забавни портали како и лансирањето на неколку нови медиумски продукти и огласувачки формати – што секако може да не радува и да дава надеж дека во наредниот период успешно ќе се оддоле на конкуренцијата која доаѓа од џинови како Фејсбук и Гугл и македонските портали ќе продолжат со својот раст и развој – поддржани со уште поголеми буџети на огласувачите и маркетинг агенциите кои првенствено ќе се насочуваат кон домашните online медиуми.
Прочитајте и:
** Колку пари заработиле најголемите 10 македонски ПР агенции во 2016 година?
** Вкупните приходи на македонските маркетинг и медиски агенции за 2016 година
** Петте најголеми телевизии во 2016-та оствариле приход од речиси 18 милиони евра