После впечатливиот спот за Кензо кој го режираше Спајк Џоунс, сега имаме уште една реклама за парфем кој го менува вообичаениот начин на кој се прават рекламите во оваа категорија
Една девојка трча во плитката вода на морето,брз рез на коњи во галоп, назад во крупен кадар на девојката која одеднаш е под некој водопад, ненадејно голем дијамант го покрива целиот екран… така некако би изгледала една генеричка реклама за парфем каква што сме виделе веќе милион пати.
Но, работите почнуваат да се менуваат. Криптичното раскажување и понатаму е главен елемент на рекламите за парфеми, но сега некои брендови се трудат тоа да го одведат на потполно ново ниво. После невообичаената минатогодишна реклама која ја режираше Спајк Џоунс за Кензо, сега имаме уште еден одличен пример за тоа во рекламата за парфемот Miss Dior, во која глуми прекрасната Натали Портман.
Темата на оваа реклама е љубовта и она на што сме спремни да направиме за неа.
Ова емоционално филмско дело ги прикажува подемите и падовите на една љубовна приказна, поставена со хитот на Сиа „Chandelier“. Видеото на YouTube има веќе преку 30 милиони прегледи, а судејќи по коментарите на многу од оние кои го погледнале, би сакале да ја видат оваа реклама како вистински филм.
Погледнете го и видеото подолу за да слушнете што Натали Портман мисли за рекламата и парфемот Miss Dior.