На 22 септември 2018 година ширум светот ќе се одбележи Светскиот ден без автомобили, ден кој првпат беше одбележан пред 18 години. Овој ден има цел да ја крене свесноста кај луѓето за зелените, еколошки транспортни решенија (јавен транспорт, пешачење, велосипедизам, итн.), како и да поттикне иницијатива за ремоделирање на градовите во насока на поддршка на ваквите модели на транспорт и приближување на јавниот простор, пред сè улиците, поблиску до луѓето. Одбележувањето на овој ден треба да ги поттикне граѓаните да замислат еден поинаков град кој ќе биде во функција на луѓето, а не на автомобилите.
Стотици градови во Европа и светот овој ден го одбележуваат со затворање на улици или цели делови од градовите каде луѓето можат слободно да се движат и да обавуваат различни активности. Истовремено, овој потег има цел да ги поттикне луѓето, барем на тој еден ден, да го остават дома автомобилот кој важи за нееколошко и неефикасно транспортно средство и да размислуваат за други начини на превоз.
По примерот на Љубљана, Лисабон, Лондон, Копенхаген и многу други градови во Европа, бараме да се одржи на 22 септември Car-Free Day (Ден без автомобили) и во Скопјe, во сите општини, со цел да се потврдат заложбите на градоначалниците Скопје да стане зелен град. Ги охрабруваме политичарите да покажат дека се современ модел на политичари кои со своите размислувања се чекор пред нас граѓаните. Дека се лидери. А тоа значи дека политиките со кои раководат треба да бидат во насока на поздрав живот во градовите.
„НаТочак“ предлага на секоја општина во Скопје, на 22 Септември (сабота), да затвори за автомобилски сообраќај една улица која е во надлежност на општината, но и да подготви програма и да организира активности за граѓаните (со локални уметници, музичари, здруженија и сл.) на таа улица во текот на денот, со што ќе ги мотивира да дојдат и да се задржат на таа улица, за да ја доживеат на поинаков начин. Секако, самите граѓани треба претходно да бидат добро информирани и запознаени со целта на денот, со активностите кои ќе се преземат и за затворањето на улиците. Токму поради оваа причина, „НаТочак“ го испраќа барањето еден месец однапред, бидејќи сметаме дека остава доволна временска рамка за организирање на потребните работи, како и за информирање.
Светскиот ден без автомобили е последен ден од Европската недела на мобилност со кој се заокружуваат сите активности на овој традиционален настан. Се одбележува од 2000 година, кога 760 градови ја поддржале оваа идеја. По примерот на другите градови, првенствено се започнува со затворање на само неколку улици во градот, за потоа, во секоја наредна година, бројот на тие улици да се зголемува.
Денот без автомобили е ден кога цел свет го слави здравиот транспорт во еден град, а Скопје треба и заслужува да биде дел визијата на тој ден. „НаТочак“ ќе ја даде својата поддршка на општините во нивните напори да го одбележат денот, во однос на навремено информирање на јавноста.