M365: Што е она што ќе Ви остане во сеќавање од 2018 година а е поврзано со работата на Вашата агенција?
2018 година беше одлична година за нашата Агенција, сработевме одлични кампањи за нашите клиенти и задоволни сме од постигнатите резултати.
Но, она што лично ми остави впечаток во однос на работата на Агенцијата е и интерната политика на уште поголемо вложување во своите вработени во смисла на едукација и тренинзи, што се покажа и во начинот на кој се осмислуваа кампањите и се работеа проектите.
Имаме прекрасна енергија и одлични таленти наоружани со најнови знаења и алатки. Горди сме и на нашата нескрлшлива верба во креативноста, затоа што ние сепак сме луѓе кои живеат од и за идеите.
Остануваме на тој пат и во 2019 година, подготвени и возбудени за сите предизвици што не очекуваат.
M365: Како ја оценувате работата на домашните креативни агенции? Кои кампањи од конкурентските агенции ви оставија позитивен впечаток?
Имаше убави кампањи во годинава што изминува. Секогаш со нетрпение се очекуваат, а и некако најмногу се коментираат кампањите на домашните пивски брендови и мобилните оператори. Задоволна сум и од фактот дека покрај овие кампањи, имаше и други локални кампањи кои oставија впечаток и беа од интерес, како за фелата така и за оние на кои им се наменети.
Лични фаворити секогаш ми се сите оние кампањи кои успеваат да го зграпчат моментот, да продрат во културата и да изненадат со нешто сосема неочекувано.
M365: Кои светски кампањи од 2018 година го привлекоа Вашето внимание?
Многу светски кампањи ми оставија впечаток во 2018, но сепак повторно би ги издвоила “Fearless Girl” и #nezeljena, двете на мојата матична Агенција, МеККен. Двете кампањи успеаа да испратат силни пораки, да ги допрат луѓето, да ги надминат границите, а посебно ме фасцинира и начинот на кој што истите живеат и луѓето не престануваат да зборуваат за нив.
Секако во овој празничен период ги препорачувам и рекламите на John Lewis, секогаш успеваат да го стоплат срцето.
M365: Кои се Вашите желби за нашата креативна индустрија во годината што претстои….што би им порачале на Вашите колеги?
Им посакувам многу клиенти, за кои ќе ги направат најдобрите кампањи, да не престануваат да гледаат во ѕвездите, да останат љубопитни, да веруваат и да дадат се од себе. Посакувам сите заедно да ги поместиме границите, затоа што креативноста се уште живее во Македонија.