М365: Каква година беше 2018 за вашиот медиум? Што е она по што ќе ја паметите?
Успешна и турбулентна. Го држиме темпото на раст од минатите години. Секое помрднување од место и со еден направен исчекор, е успех. А во 2018 година направивме неколку такви чекори. Прославивме пет години постоење, се ребрендиравме, и освен на содржинскиот дел, работевме и на визуелниот. Направивме нов дизјан на сајтот и ставивме акцент на авторските фотографии. Така што, квалитетна содржина плус визуелен ефект е еднакво на различност од сите други онлајн медиуми, што е наша ѕвезда водилка од самото основање на медиумот. Пет години не е голем период, но е доволен да покаже дека идејата во која верувавме, ја оправда довербата – медиумски производ кој ќе биде чисто пазарен. Освежени, чекориме кон нова петка.
М365: Како гледате на симбиозата помеѓу ПР и маркетинг агенциите и медиумите во Македонија?
Како нужност и взаемна можност за развивање и растење, секој во својот сегмент од пазарот. Како двајца партнери кои во животот чекорат паралелно, растат заедно, си помагаат. Никако испреплетувајќи се, без да се задира во идентитетот и ингеренциите на едниот или другиот. Таа симбиоза е можна, доколку постои фер-плеј. Многу лесно се прави дистинкција помеѓу ПР-новинарство и новинарство. Има правила на игра, само треба да ги почитувате и применувате. еМагазин е комплетно пазарен производ, така што таа соработка ни е од круцијално значење. И еве веќе пет години имаме изградено максимално професионална соработка и доверба едни во други.
М365: Која пракса на ПР професионалците ја почитувате најмногу, а која пракса Ви смета најмногу?
Односот на ПР-професионалците е огледало на вас и на вашиот медиум. Какви сте, така ќе ви се врати. На ПР-професионалците тоа им е работа, да направат се најдобро и што е во нивна моќ за нивниот клиент. На вас како медиум е, да ја ставите црвената линија. Кога имате свои правила на игра, лесно ќе ги решите сите недоразбирања. Се што ни пречело, им било предочено во меѓусебна комуникација и секој проблем бил решен.
М365: Какви се Вашите желби за годината што претстои, а се поврзани со медиумската индустрија?
Повеќе реклами, нови клиенти, зацврстување на успешната соработка со веќе постоечките. Компаниите и маректинг-агенциите да имаат поголем сенс за квалитетните медиуми кои нудат содржина, а не само број на кликови. Убедена сум дека квалитетот сам по себе се продава, но му треба време да биде препознаен. Потребна е квалитетна конкуренција, а не копи-пејст индустрија, која на агенциите и компаниите им продава крадени содржини и ветер и магла. Компаниите и маркетинг индустриите да издвојат поголем буџет за онлајн рекламирање бидејќи процентот на луѓе кои се информираат од Интернет е во голем пораст. И на крајот желбите не може да станат реалност ако не работите и не сте максимално посветени на идејата. Или што би рекол почитуваниот, неодамна покоен Љубиша Георгиевски, „не може да светите, ако не горите“. Така и во оваа професија!