M365: Како ја оценувате 2018 за вашта ПР агенција? Што е она по што ќе ја паметите најмногу?
Годината што изминува за агенцијата донесе малку поголем работен интензитет во однос на минатата, малку повеќе диверсифицирани проекти, отвори некои нови перспективи… Да се разбереме, зборувам за обемот на работа, не за финансискиот ефект од работата. Но, она што најмногу ме охрабрува е личниот впечаток како да се навестува и малку поинаков пристап на клиентите. Пред сè во однос на тоа што тие очекуваат од услугите – односи со јавност; што сè може, а што сè не може да направи една ПР-от. Како полека да се стратифицира ПР пазарот, како да се профилираат, форматираат, специфичните ПР услуги. Ако порано беше: “Што работиш?”; (полу-срамежлово) “Пааа, ПР!”; “Ахааа…” (драмска пауза) “… тоа беше нешто како маркетинг, нели?”; Сега среќавам потенцијални клиенти коишто точно знаат што бараат и што да очекуваат од нивниот ПР сервис. Тоа е мојот впечаток. Искрено се надевам дека не ми е погрешен. Затоа, и понатаму тврдам дека во Македонија има добар растечки пазар за ПР услуги, има место за секој добар професионалец за односи со јавноста. Дека истиот тој пазар веќе знае да направи разлика меѓу тоа што е форма и содржина и форма без содржина; кој е професионалец, а кој е минувач во професијата. И драго ми е што тој филтер сè повеќе го чувствувам.
M365: Како гледате на симбиозата помеѓу ПР професионалците и новинарите во Македонија?
Тоа е еден природен, заеднички, хабитат и на двете сорти. За среќа, и ПР професионалците и медиумските работници се покажаа како цврсти видови, кои успешно коегзистираат и во, благо речено, чудни околности. Друг поволен факт е што повеќето од постарите генерации ПР професионалци (не само возрасно, туку искуствено) имаат и новинарско искуство и знаат да ја состават целата слика. Конечно, и на едната и на другата, условно страна, им е совршено јасно дека не можат да функционираат едни без други. Некогаш помалку, некогаш повеќе, но, во суштина, тоа е крвната линија што оваа симбиоза ја прави одржлива. Од мое лично искуство, можам само да им аплаудирам на медиумските работници, на новинарите професионалци, на демонстрираното ниво на волја за соработка.
M365: Што е она што најмногу Ви пречи како пракса на медиумите во Македонија?
Како и во ПР-от, така и во новинарството, во медиумите, има “минувачи”. Тие се тие што ги рушат стандардите, принципите, етиката на професионалното новинарско работење, на одговорното медиумско работење. Брзата комуникација, интернетот и социјалните мрежи отворија еден допонителен вентил за омилениот национален спорт (а не е фудбал, ракомет, кошарка!) туку – дисциплината рекла-казала! Ама, како што од секоја врба на бидува свирче, така и од секој портал не бива медиум; и од секоја шушумига не бива новинар! Значи, ми пречи непочитувањето на општопознатите глобални медиумски стандарди и неодговорноста! За среќа, има кој да ја брани честа на домашните медиуми и тие секогаш ќе ја имаат целосната поддршка на ПР професионалците!
M365: Која е Вашата желба за 2019 година за комуникациската индустрија во Македонија?
Ах, тоа би било едно кусо писменце и би звучело, отприлика, вака:
“Драг Дедо Мраз,
за Нова Година не сакам ништо да ми донесеш.
Ама, со оглед на тоа дека ние тука сме експерти за сè и сèшто, само сакам некои работи да ги оставиш на вистинското место: Земјоделието – на земјоделците; Поштата – на поштарите; Политиката – на политичарите; Бозата – на бозаџиите; Шиењето – на шивачите; Возењето – на возачите: Бизнисот – на бизнисмените; Забавата – на ДиЏеите; Новинарството – на новинарите; Маркетингот – на маркетирите; Пи-аРот – на пиарџиите…
Ако го направиш ова за моја љубов, ќе ти бидам многу благодарен!
Твој до крај”.