М365: Каква година беше 2018 за вашиот медиум? Што е она по што ќе ја паметите?
Одлична година за Иновативност! Активностите кои во текот на годината ги имавме на полето на стартап и претприемничката сцена, ја потврдија и зајакнаа нашата позиција на специјализиран медиум со јасна и недвосмислена визија: промоција на претприемништвото и развој на креативни и иновативни идеи кои се моторот на современата економија во Македонија. На 26 април како модератор на дебата бевме дел од одбележувањето на Светскот ден за заштита на правата од интелектуална сопственост кој во Македонија заеднички го одбележуваат Амбасадата на САД и Делегацијата на Европската Комисија. Одбележувањето на Глобалната недела на претприемништво во Македонија, годинава со фокус на корпоративните иновации, исто така започна со претставник од Иновативност. Како претходните, така и оваа година Иновативност беше главен партнер на Скопскиот Саем во организирање на содржинскиот дел на традиционална саемска манифестација Технома, чија цел е зголемување на видливоста на технолошките иновации и производи во Македонија.
Овие, но и многу други настани поврзани со овој дел од бизнис сцената во Македонија, поминаа со присуство на Иновативност, медиум кој е најверен и буден следбеник на младата претриемничка сцена.
2018 е успешна затоа што привлече многу нови клиенти кои бараат сериозен и прогресвен медиум за пласирање на своите продукти и услуги!
М365: Како гледате на симбиозата помеѓу ПР и маркетинг агенциите и медиумите во Македонија?
Како на трипартитна заедница во која едните не можат без другите. Она што особено ме радува е тоа што годинава се организираа неколку настани и дебати на кои разговаравме за меѓусебните релации. Отворањето на овие дебати се одлична можност за идно подобрување на соработката. Генерално можам да кажам дека соработката на Иновативност со најголем дел од ПР и маркетинг агенциите се на високо професионално ниво.
М365:Која пракса на ПР професионалците ја почитувате најмногу, а која пракса Ви смета најмногу?
Индивидуалниот пристап на ПР професионаците е особина која најмногу ја ценам. Тоа значи да препознаат која информација каде и како да ја пласираат и притоа да постигнат најголем публицитет за својот клиент. Најмногу ми пречи кога понекогаш се инсистира да се објави одредена информација која според темата никако не одговара на концептот на медиумот. Убедена сум дека бројот на објави не е правопропорционален со ефектот кој може да го постигне една квалитетна објава на вистинскиот медиум.
М365: Какви се Вашите желби за годината што претстои, а се поврзани со медиумската индустрија?
Повеќе огласувачи кои ја препознаваат важноста на онлајн огласувањето и повисоки цени за огласување на порталите. Посакувам да почнат повеќе да се ценат онлајн медиумите кои креираат содржина и промовираат важни општествени вредности. Живееме во време кога шунд содржините привлекуваат огромна читаност, а од друга страна постојано се жалиме во какво општество живееме. Посакувам медиумите кои промовираат серозни вредности и визија за модерна и напредна Македонија, да опстојат на тој пат и да добијат што повеќе поддржувачи. Оптимист сум дека тој процес ќе се интензивира.
И секако, најважно од се е да има што повеќе читатели кои со нашите содржини ќе ги поттикнеме на позитивни промени! На крај на ден, ние постоиме заради нив!
Среќна нова 2019!