Околу 500 средношколци од целата земја денеска присуствуваа на Отворениот ден на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС). Младите покажаа голем интерес за програмите на Американ Колеџ и се запознаа со можностите од продолжување на своето образование на Универзитетот и со останатите поволности и стипендии за сите факултети при УАКС.
Студентите што за време на Отворениот ден се запишаа на еден од факултетите на Универзитетот добија и пет проценти попуст на школарината.
На големиот број идни студенти, им беа презентирани факултетите за деловна економија и организациски науки, архитектура и дизајн, компјутерска техника и информатика, странски јазици, правни науки, факултетот за политички науки и катердата за психологија. Младите беа особено заинтересирани за можноста од практична работа во компаниите кои се членки на бизнис советот на УАКС, но и за Еразмус плус програмата која е достапна за студенти од додипломски и пост-дипломски студии, преку која се нуди студирање во 28 земји – членки на Европската Унија, како и Исланд, Норвешка, Лихтенштајн и Турција.
Инаку, во текот на Отворениот ден студентите, професорите, членовите на управата и останатиот кадар на Универзитетот имаа и средба со новоизбраниот претседател Стево Пендаровски, кој на високата функција заминува токму од редовите на Американ Колеџ, каде беше професор.
Универзитетот Американ Колеџ Скопје е основан 2005-та година и е единствениот меѓународно акредитиран универзитет во нашава земја со признание од Советот за акредитација на бизнис школи и програми (ACBSP) од Соединетите Американски Држави. Оваа високообразовна институција ги комбинира најдобрите методи и практики од американскиот и европскиот образовен систем, пресретнувајќи ги очекувањата на студентите. Американ Колеџ Скопје е во континуирана активна соработка со седумте највисоко рангирани универзитети во светот, а студентите имаат можност да го продолжат своето образование во реномирани странски високообразовни институции како: Меѓународниот универзитет од Вирџинија (САД), Универзитетот Џон Кабот (Италија), Веларус Колеџ (Белгија), Универзитетот во Вормс (Германија) и многу други.