Со новиот начин на доставување на Годишната даночна пријава на граѓаните им е овозможено да учествуваат во постапката за утврдување на персоналниот данок, во соработка со Управата за јавни приходи, велат од УЈП.
Граѓаните имаат можност најдоцна до 31.05.2019 година да ја потврдат или коригираат претпополнетата Годишна даночна пријава. До истекот на крајниот законски рок, граѓанинот може да го менува статусот на пријавата, односно да ја потврдува или коригира се до истекот на крајниот рок 31.05.2019 година. По истекот на законскиот рок на 01.06.2019 година, Годишните даночни пријави ќе добијат статус на конечни даночни пријави, согласно последниот статус на Годишната даночна пријава – потврдена или коригирана. На 01.06.2019 година, службено ќе бидат потврдени и Годишните даночни пријави, кои од страна на граѓанинот не се ниту потврдени, ниту коригирани.
Годишната даночна пријава која граѓанинот ја коригигирал, а добила статус на конечна даночна пријава, ќе треба да биде одобрена од службено лице на Управата за јавни приходи. Доколку службеното лице не ја одобри пријавата ќе следи донесување на решение за утврдување на персоналниот данок на доход за 2018 година.
Управата за јавни приходи во 2019 година прв пат до граѓаните доставува претпополнети Годишни даночни пријави за 2018 година по електронски пат, како дел од реформата Поедноставување на процедурите за пресметување и пријавување на персонален данок на доход. Оваа реформа, како што и е насловена, има за цел да обезбеди поедноставни процедурите за пресметување и пријавување на персонален данок на доход, намалување на турканиците, заштеда на време, пари и ресурси, како и повисоко ниво на услуги кон граѓаните.