Amazon Prime Day (16 јули) донесе еден куп на добри зделки, попусти и нови производи. Меѓу нив се најде и новата брендирана шминка на Лејди Гага која веднаш се најде на врвот од најпродаваните артикли. Тоа е и воедно првата козметичка линија со „големо“ име која ќе се продава исклучиво преку Amazon.
Козметичката линија е дел од понудата на компанијата Haus Laboratories и моментално е во фаза на пред-продажба, при што нарачките ќе бидат испорачани до купувачите почнувајќи од 17 септември.
Во создавањето на козметичката линија, Haus Laboratories се здружи со Сара Тано, долгогодишната шминкерка на Лејди Гага. Популарната пејачка се надева дека нејзината козметичка линија ќе им овозможи на потрошувачите да го сменат своето расположение и персона.
„Сите несигурности со кои сум се соочувала во животот како помала кога бев малтретирана, се враќаат да ме јадат. Но, тогаш ставам шминка и пред да бидам свесна, во мене се раѓа чувство на суперхерој. И ми дава крилја со кои можам да летам“, истакнува Лејди Гага за магазинот Allure.
Голем број од производите се наменети за мулти-употреба, како на пример течна сенка која може да се користи за очи, усни или образи. Карминот од оваа линија пак се наоѓа на првото место на најпродавани производи на Amazon во категоријата за убавина.