
Во рамките на кампањата “Ден без мобилни телефони во сообраќајот“, во Загреб е исталиран нов тип на семафор кој фрла светлина на тротоарот веднаш пред пешачкиот премин за црвеното светло да го видат и оние пешаци и велосипедисти кои се приближиле до крстосницата, но се загледани во екраните на своите мобилни телефони.
Ваков вид на семафори се инсталирани за прв пат во Хрватска, а целта на овој пилот-проект е предупредување на пашаците и велосипедистите за опасностите на кои се изложуваат, се вели во соопштението на организаторите на кампањата.
Според истражувањето, дури 50% од пешаците и 33% од велосипедистите користат мобилни телефони додека преминуваат улица, а 20% од нив, не забележуваат дека на семафорите е вклучено црвено светло, бидејќи нивните погледи и мисли се насочени кон мобилните телефони.
Семафорот има првенствено функција на предупредување. Кога ќе се запали црвено светло на пешачкиот премин, тој го проектира и на тротоарот, така што црвеното светло се проектира и на екраните на мобилните телефони во кои гледаат пашаците. Екраните на мобилните телефони ќе им засветат во црвена боја, принудувајќи ги да ги кренат главите, да застанат и да причекаат зелено. Благодарение на хоризонталната сигнализација од овој вид семафори, црвеното светло се проектира и на пешачкиот тротоар, така што пешаците можат да го видат и со периферен вид, без оглед на тоа што одат со спуштени глави окупирани со содржината на нивните мобилни телефони.
Мобилните телефони се сметаат за четврти убиец на патиштата, а според истражувањето спроведено во рамките на проектот „Ден без мобилни телефони во сообраќајот“, дури 91% од возачите, 33% од велосипедистите и 50% од пешаците користат мобилни телефони во сообраќајот. Според истражувањето, реакциите на возачите со мобилен телефон зад воланот се скоро трипати поспори.